Интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски е на дневен ред на денешната седница во Собранието. Предлогот порвиот човек во МВР треба да биде разрешен од функцијата го поднесоа пратениците од опозициската Левица.
И да добие поддршка од останатите опозициски пратеници, разрешувањето на Тошковски е малку веројатно ако се има предвид дека владејачките партии го имаат мнозинството во Собранието.
Пратениците од Левица го обвинуваат Тошковски за креирање на „приватна партиска полиција заради владино прикривање и таргетиран политички реваншизам кон опозицијата“; командна одговорност за полициските пропусти кои доведоа до трагедијата во Кочани; незаконит претрес кај директорка на училиште во Демир Хисар; непостапување на македонската полиција во случаи на семејно, врсничко и родово базирано насилство и говор на омраза, како и за непрофесионални „двојни стандарди“ при постапувањето на полицијата со различно однесување за исти или слични случаи проследено со злоупотреба на овластувањата при употреба на сила.
Министерот го прозиваат и за „судир на интереси и бизнис шеми како поранешен адвокат на урбаната мафија“; саботирање на постапките и злонамерна несоработка со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
За Тошковски имаше интерпелација и пред една година, но неа ја поддржаа само 29 пратеници, сите од опозицијата.
На почетокот на јуни, пак, во Собранието се дискутираше за интерпелација на уште еден министер во актуелната влада – министерот за земјоделство, шумарско и водостопанство, Цветан Трипуновски. Разрешување иницираше СДСМ, но против беа 61 пратеник додека „за гласаа“ 21.


