Пратениците во Собранието одбија да го разрешат министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, од ВМРО-ДПМНЕ.
По целодневна дебата, со 62 гласа „против“, 21 „за“ и ниту еден воздржат, народните избраници ја отфрлија интерпелацијата.
Таа беше поднесена од СДСМ и коалицијата поради „сериозни сомнежи за корупција“.
Пратениците од власта, пак, оценија дека интерпелацијата е беспредметна и неиздржана, како и политички маневар од социјалдемократите за дефокусирање на јавноста од вистинската одговорност за „пустошот во земјоделието што го оставила претходната власт“.
Обвинувањата од опозицијата очекува ги отфрли и самиот Трипуновски.
„Немојте да изнесувате само политички флоскули дека нешто е катастрофално. Дворот беше премногу валкан и презадолжен – таква ситуација наследивме од вашите седум години власт. Да имавте барем малку доблест да работите домаќински и економски, денеска ќе беше многу поинаква ситуацијата“, рече министерот.
За СДСМ, пак, Трипуновски ќе остане запаметен како најнеспособниот министер за земјоделство во историјата.
„За само две години имаме намалени и неисплатени субвенции: за говеда од 12.000 на 8.000, за тутун од 100 на 80 денари, субвенциите за овци доцнеа 10 месеци, а тутунарите ни на 10 јуни немаат ниту денар на сметка, откупот од малите земјоделци паднал за 46 отсто, срозени откупни цени: оризот од 40 на 22 денари, млекото намалено за повеќе од 10 денари, преполовена програма за рурален развој: од 1,2 милијарди на 600 милиони, поништени повици за трактори, ниту еден трактор доделен за две години, укинати цели програми за поддршка на микропроизводителите, уапсени директорите на Платежната агенција и на Инспекторатот за земјоделство, ИПАРД беше блокиран поради мито и корупција“, набројуваше пратеникот Љупчо Николовски кој беше министер за земјоделство во претходната влада на СДСМ и ДУИ.
Една од главните причини за интерпелацијата од опозицијата беше корупциската афера поврзана со европските пари од ИПАРД фондовите.
„Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, беше фатен и приведен при примање поткуп во износ од 100.000 евра, од кои 50.000 евра во готовина кај него. Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој беше фатен како бара поткуп од 50.000 евра за незаконско доделување грант од ИПАРД 3 програмата. Овие настани директно резултираа со суспензија на ИПАРД 3 програмата, со вкупен буџет од околу 130 милиони евра, со што беа загрозени најмалку 24 компании кои очекувале исплата на средства, а штетата за целиот сектор е огромна и долгорочна“, пишуваше во интерпелацијата од СДСМ.


