За 35 години независност ќе запеат Хозе Карерас и македонските пејачи

Објавено:

На 1 септември на градскиот плоштад во Скопје ќе биде одржан концерт на кој ќе настапи еден од најголемите оперски пејачи, шпанскиот тенор Хозе Карерас, како и познатите македонски пејачи – Каролина Гочева, Влатко Стефановски, Калиопи, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Игор и Ана Дурловски. Планирани биле и Владо Јаневски и Симон Трпчевски, но поради други обврски надвор од државата, тие не биле во можност да одговорат на поканата.

Концертот ќе биде бесплатен, а ќе се одржи во рамки на прославата за 35 години независност на државата, чиј организатор е „Авалон продукција“.

Планирано е концертот да почне со македонските музички ѕвезди, кои ќе изведат по неколку композиции. Настапот на Карерас е предвидено да трае околу еден час. Сите ќе бидат придружувани од оркестарот на Македонската филхармонија, а аранжманот на песните што ќе ги изведат македонските музички ѕвезди ќе го направи Николче Мицевски.

Карерас е еден од најзначајните оперски уметници во светската музичка историја, како дел од познатот трио тенори, покрај Пласидо Доминго и Лучијано Павароти, кои оставија неизбришлива трага на оперската сцена.

Инаку ова е втор настан во рамки на одбележувањето на 35 години независност. Неодамна беше објавено дека на Денот на независноста – 8 Септември, ќе настапи светската музичка ѕвезда, Дејвид Гета, со своето шоу (The Monolith Stadium Show) на националниот стадион „Тоше Проески“. Настапот на Гета ќе биде кулминација на низа настани што по повод 35-годишниот јубилеј ќе се организираат низ државата еден месец порано.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа колкава е финансиската конструкција за целата прослава и како е избран „Авалон“ за партнер, портпаролката на Владата, Марија Митева изјави дека како влада немаат што да кријат и се ќе објават откако ќе завршат со најавите на сите настани.

„Ценам дека никој од нас не сака да фрли црна дамка на каков било начин во однос на организацијата на одбележувањето на 35 години незавиност, така што нашата транспаретност, како што било досега ќе биде и отсега, и верувајте дека како влада доследно ќе информираме за сите детали. Како што најави и организаторот на првата прес-конференција, постојат некои договорни клаузули за кои не сме во можност сега да зборуваме, но дајте ни време да ги објавиме сите настани и веднаш ќе ја информираме јавноста за сите детали“, изјави Митева.

Организаторите на настанот во наредниот период етапно ќе објавуваат информации за другите содржини од програмата по повод независноста, а за сите настани ќе има и посебна веб-страница.

Годинава, државата ќе одбележи 35 години независност откако граѓаните на референдум на 8 септември 1991 година се определија за суверена држава, независна од Југославија.