„Секој обид за политизација на Врховниот суд е ризик не само за судската независност, туку и за демократскиот поредок“, порача денеска македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, која се обрати на XVI Годишна конференција на претседатели на врховни судови од Централна и Источна Европа, што се одржува на 22 и 23 јуни во Скопје.
Таа појасни дека состојбата во судството се оценува преку улогата и функционирањето на Врховниот суд и дека улогата на врховните судови е клучна и за стабилноста на демократијата.
„Затоа кога врховните судови успешно ја извршуваат својата улога на единствена примена на законите, тогаш и довербата во судството расте. Одлуките на судовите имаат силно влијание и врз работата на пониските судови, но и врз цврстината на демократијата“, рече претседателката.
Првиот човек на Врховниот суд, Африм Фидани, чиј суд е домаќин на конференцијата, признава дека довербата во правосудството не е на посакуваното ниво, но дека треба континуирана работа за нејзино враќање.
„Искрено, односно реално, објективно и самокритично, довербата на граѓаните во правосудството не е на посакуваното ниво. Но, ние треба континуирано да работиме на тоа – преку ефикасни постапки, доследна примена на законите и ажурно постапување, за да ја подобриме и вратиме довербата. Довербата не се гради преку ноќ, се гради долго, но може брзо да се изгуби“, изјави Фидани.
За претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, пак предизвикот е да се обезбеди баланс меѓу независноста и одговорноста.
„Во правосудството нема совршени системи, не постојат такви, но затоа постојат добри практики, научени лекции кои можат да нѐ направат подобри. Нашата задача е да создадеме услови во кои судиите ќе можат да одлучуваат слободно, но истовремено со високо чувство на одговорност кон граѓаните и јавниот интерес“, рече Камбовски.
Меѓународните учесници укажаа на важноста од вакви средби. Федералниот судија од САД, Дејвид Кемпбел, посочи дека конференцијата овозможува размена на искуства за справување со заедничките предизвици.
Директорот на CEELI Институтот, Роберт Странг, ја истакна потребата од нов пристап во комуникацијата на судиите со јавноста.
„Денес тоа изгледа целосно нереално и застарено судиите да зборуваат само преку своите пишани одлуки. Сега прашањето е како да комуницираат со јавноста и да објаснат зошто правдата е важна“, рече Странг.
Конференцијата, чиј домаќин е Врховниот суд на Македонија, ги обедини највисоките претставници на тринаесет врховни судови, како и судии од САД и експерти од меѓународни организации. Независноста на судството, довербата на граѓаните и потребата од подобра комуникација меѓу судиите и јавноста се темите на кои ќе се разговара.


