Највисока доверба во војската, најниска во судството, Собранието доби средна оценка

Објавено:

Средна оценка 2,7. Вака граѓаните ја оцениле работата на Собранието годинава. Во споредба со претходните две години, се забележува раст, но тој е незначителен.

Најновото истражување на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ заклучува дека покрај позитивниот тренд, оценката и натаму останува под средната вредност, што укажува дека очекувањата од Собранието во претстојниот период остануваат високи.

Сепак, истражувањето покажува умерен раст на довербата на граѓаните кај најголем дел од институциите во последните две години

„Довербата во Собранието бележи раст – од 4,6 во 2025 на 4,8 во 2026 година на скала од 1 до 10. Највисока доверба граѓаните и натаму имаат во војската и верските заедници, со оцени од 6,0 и 5,9, додека судството и јавното обвинителство остануваат на дното со 3,5 и 3,6“, се наведува во истражувањето.

Надзорната улога на Собранието и натаму се издвојува како најслаба алка во перцепциите на граѓаните, пишува во извештајот.

„Испитаниците почесто сметаат дека Владата има поголемо влијание врз Собранието отколку што Собранието ефективно ја контролира извршната власт, а покрај пратеничките прашања ретко препознаваат други обиди за надзор“.

Ова, додаваат од Институтот укажува на потреба од поголема видливост, поефикасно користење и подобро комуницирање на надзорните механизми.

Сепак позитивни сигнали се забележуваат во однос на перцепцијата за насоката во која се движи државата.

Па така во последните две години расте бројот на граѓани кои сметаат дека животот во Северна Македонија се движи во правилна насока или изразено во проценти од 17% во 2024 година на 28% во 2026 година.

Сепак, мнозинството граѓани, односно 51%, и понатаму сметаат дека државата се движи во погрешна насока.

Истражувањето „Поглед на Собрание: Перцепциите на граѓаните за работата на Собранието на Република Северна Македонија (2026)“ е нарачано од Националниот демократски институт (НДИ), а теренски спроведено од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС),