Владата распиша продажба на рударска концесија за цела источна Македонија, објави здружението „Здрава котлина“ од Струмица кое со години се бори против отворање рудници во Македонија затоа што смета дека со тоа долгорочно се уништува животната средина.
Одлуката за започнување постапка за доделување концесија за вршење на проспекциски геолошки истражувања на металични минерални суровини е објавена во „Службен весник“ е со датум од 30 јуни и е потпишана од заменик-претседателот на Владата Ључо Димовски. Три дена подоцна, на 3 јули, одлуката е објавена во „Службен весник“ со што стапува на сила.
Во Одлуката пишува дека концесијата се доделува со цел „откривање нови локалитети перспективни за натамошни детални геолошки истражувања како и за откривање нови наоѓалишта на металични минерални суровини“.
Истражувања ќе се вршат на источниот крај на државата – Берово, Босилово, Валандово, Василево, Велес, Виница, Гевгелија, Делчево, Демир Капија, Конче, Штип, Кочани, Пробиштип, Радовиш, Струмица, Свети Николе, Куманово, Старо Нагоричане, Чешиново-Облешево, Зрновци, Карбинци, Пехчево, Лозово, Петровец, Кратово, Неготино и Ново Село.
„Здрава котлина“: Македонија ќе стане рударска колонија
Во „Здрава котлина“ сметаат дека оваа одлука „не е ништо помалку од декрет за претворање на нашата татковина во рударска колонија“ и дека постои измама со тврдењата дека ќе се прави „само истражување“. Затоа екологистите ги повикуваат Советите на општините да дадат негативно мислење на секое пристигнато барање за проспекција, а притоа велат дека советниците и градоначалниците мора да се под постојан притисок, со цел „да не им текне да издадат позитивно мислење“.
„Ова е повик за сплотеност, будност и долгорочен отпор против рударските јаничари во владата кои се дрзнаа повторно со одлука на Влада да издадат и продадат македонската земја на светските рудари и да ја направат колонија заради пари на поединци во врвовите на политичките партии. Додека обичниот народ се бори за пристоен живот, чист воздух и за заштита на сопствениот имот, луѓето во фотелјите со еден потпис решаваат да ја претворат нашата татковина во рударско решето. Ова не е битка меѓу политички партии, ниту е обична еколошка интервенција. Ова е генерациска, биолошка борба за опстанок на нашите семејства, на нашите домови и на плодната македонска земја. Дојден е моментот кога секој чесен граѓанин, без разлика на вера, нација или партиска припадност, мора да застане рамо до рамо со својот сосед. Обичниот човек со децении е злоупотребуван и лажен од поединци во високите структури на власта од секакви партии, но нашата сплотеност е бедемот кој никогаш нема да можат да го пробијат“, пишува во објавата на „Здрава котлина“.
Оттаму велат дека стапицата е во тоа што планот не е обично геолошко истражување, туку прецизно скроена еколошка опсада што опфаќа дури 27 општини набиени на мала и густо населена територија, дека е лага оти „само се пребарува, а не се отвараат рудници“ и дека се прави „законски атентат врз сопственоста“ откако во април беа изгласани измени во Законот за минерални суровини, со кои му се дозволува на концесионерот „да добие дозвола за експлоатација и да почне да копа на туѓа, приватна земја пред постапката за експропријација да биде завршена“.
Затоа, ги повикуваат советите на општините да дадат негативно мислење за сите барања за проспекциски истражувања и бараат целосна транспарентност во процесот. „Бараме итно објавување на секое барање за мислење доставено до локалните самоуправи. Народот има право да знае кога некоја корпорација покажала интерес за неговата нива. Потребна е граѓанска самоорганизација, формирање локални одбори за будност и подготвеност за брза реакција. Научивме многу лекции во изминатите десет години и време е да ги примениме“, се наведува во реакцијата на „Здрава котлина“.
Граѓански отпор против рудниците
„Зошто им се тие истражувања ако не сакаат да отворат рудници? Направија ново Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, направија измени во Законот за минерални суровини, сите чекори водат кон отварање рудници. Не знам како тоа ќе им помине“, вели еко-активистот Стојан Велков, претседател на „Здрава котлина“, за Колегиум.мк.
Тој најавува силен граѓански отпор.
„Народот врие, ситуацијата е напната. Од југоистокот се собираме на средба за следни чекори. Се организираме и на локално ниво, во општините. Имаме голема поддршка бидејќи луѓето cе свесни што значи рудник. Рудниците трајно ја девастираат природата. Во карпите има арсен, кадмиум и други тешки метали кои навлегуваат во подземните води и се шират насекаде. Обработката на рудата е штетна бидејќи се користат агресивни средства за да ја одделат рудата од карпите. Потоа, потребни се илјадници години за природата да се обнови“, вели Велков.
На 29 јуни еколошки здруженија протестираа и бараа да се раскинат концесиите за рудникот Иловица – Штука, откако Вишиот управен суд во мај го врати во игра спојувањето на концесиите.
Претходно, реакции во јавноста имаше поради најавен проект за ископ на антимон во рудникот Крстов Дол, кај Крива Паланка, кој се наоѓа во почетна фаза на истражување. Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, тогаш изјави дека нема да се дозволи инвестиција што би била на штета на здравјето на граѓаните и животната средина.
Во октомври минатата година, Министерството за енергетика објави дека се раскинати 45 концесии во рударството и енергетиката поради непочитување на законските одредби и на еколошки мерки, неплаќање концесиски надоместоци, пренесување концесија без согласност и експлоатација надвор од дозволениот предел.


