Вишиот управен суд пресуди во корист на рудникот „Иловица“

Објавено:

Вишиот управен суд донел пресуда со која се поништува одлуката за престанок на важење на одлуката за спојување на концесијата за експлоатација на минерална суровина на локалитетот Иловица, Општина Босилово, со концесијата за експлоатација на минерална суровина на локалитетот Иловица, Општина Босилово и Општина Ново Село.

„Станува збор за конечна судска одлука која Владата, како институција што го почитува владеењето на правото, е должна да ја почитува“, соопшти прес-службата на Владата по седницата денеска на која  Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информирало за донесената судска пресуда.

Владата во соопштението посочува дека „ова прашање не е резултат на одлуки донесени од актуелната Влада, туку претставува наследена правна состојба која произлегува од одлуките за спојување на концесиите донесени во јуни 2023 година, како и од последователните одлуки за нивен престанок донесени само еден месец подоцна, во јули 2023 година, по што е покрената судска постапка пред надлежните судови“.

„Денешната состојба е резултат на завршување на таа постапка со конечна пресуда на Вишиот управен суд.  Свесни сме дека кај дел од граѓаните, локалното население и граѓанските организации постојат оправдани прашања и загрижености поврзани со овој проект. Токму затоа Владата ќе продолжи целосно транспарентно да ги разгледува сите релевантни факти, стручни мислења и аргументи, во рамки на законските процедури и институционалните надлежности. Наш приоритет останува создавање услови за економски раст, нови инвестиции и отворање работни места, но тоа никогаш нема да биде на сметка на здравјето на граѓаните, природните ресурси и животната средина. Заштитата на јавниот интерес, почитувањето на највисоките еколошки стандарди и целосната законитост на постапките остануваат принципи од кои Владата нема да отстапи“, се наведува во соопштението од владината прес-служба. 

Во соопштението додава дека секое понатамошно постапување во однос на овој предмет ќе се одвива исклучиво врз основа на стручни анализи, законски процедури и институционален надзор, со целосна информираност на јавноста.

Првите дозволи, за геолошки истражувања за рудникот „Иловица“ се дадени во 2004 година, од тогашниот министер за економија, Фатмир Бесими. Денеска сопственик и потенцијален инвеститор во рудник за злато и бакар е компанијата „Евромакс рисурсес“.

Во 2012 година беше добиена првата концесија за експлоатација на минерални суровини, но во 2016 година тогашната влада не даде и дозвола за ископ. Три години подоцна е добиена втората концесија за експлоатација на минерални суровини.

Во 2016 година „Еуромакс“ побара спојување на двете концесии, по што Министерството за економија даде позитивен одговор, но Владата не донесе одлука. Наместо тоа, Владата во 2019 година донесе нова одлука за еднострано раскинување на договорот за една од концесиите. „Еуромакс“ тужи и го добива случајот пред Управниот суд, по што лиценцата им е вратена и на маса повторно се враќа спојувањето на концесиите. На 27 јуни 2023 година Владата одобри спојување на двете концесии, но по само еден месец ја поништи одлуката.