Најмалку 90 лица загинаа во експлозија во рудник за јаглен во северна Кина, а некои сè уште се водат како исчезнати, објавија државните медиуми во земјата.
Експлозијата се случила во петокот во 19:29 часот по локално време во рудник за јаглен во Шанкси. Наводно, во времето на експлозијата на работа биле 247 работници.
Според информациите што ги објавија кинеските медиуми, приведени се одговорните лица во рудникот.
Спасувачките операции се во тек. Кинеското Министерство за управување со вонредни состојби испрати 345 лица од шест спасувачки екипи за да помогнат во операцијата.
За трагедијата се огласи и кинескиот претседател Си Џинпинг кој повика да не се штеди на ништо во напорите за лекување на повредените и во потрагата по преживеани.
Тој побара надлежните институции да ја испитаат причината за несреќата и да има одговорност.
Причината за експлозијата на гас сè уште не е позната.


