Десетици жртви на руските напади врз Киев во пресрет на самитот на НАТО

Објавено:

Русија започна голем ракетен и беспилотен напад врз украинскиот главен град, Киев и околниот регион рано на 6 јули, уништувајќи станбени згради и убивајќи најмалку 15 лица, неколку часа откако претседателот Володимир Зеленски предупреди за претстоен руски напад.

Сведоци за украинскиот сервис на Радио Слободна Европа рекоа дека во раните утрински часови во главниот град се слушнале повеќе гласни експлозии и сирени за воздушен напад, а градовите низ целата земја исто така известуваат за предупредувања за дојдовни проектили.

„Непријателот удира со балистички ракети. Ве молиме останете во засолништа“, напиша на социјалната платформа Телеграм Тимур Ткаченко, шеф на воената администрација на Киев.

Кратко по пладне по локално време, бројот на жртви во и околу Киев се искачи на 15, а повеќе од 60 лица се повредени, според украинските власти.

Жителка на Киев чија мајка беше ранета кога станбена зграда беше погодена за време на нападот, изјави за РСЕ/РЛ дека ова е втор пат зградата да биде погодена за еден месец.

„Тукушто ги заменивме прозорците, а сега се случи повторно“, рече таа.

„Ова е едноставно ужасно. Има толку многу деца тука“, изјави таа за РСЕ/РЛ пред оштетената зграда додека спасувачите им помагаа на луѓето да излезат од урнатините.

„Имаше експлозија, а ние бевме во станот криејќи се во магацин. По експлозијата, имаше густ чад, и полека се спуштавме по скалите. Се спуштавме речиси на слепо. Кога излеговме надвор, се случи втора експлозија; Завршивме лежејќи под автомобил, а потоа некако истрчавме кон засолниште“, изјава Татјана која го преживеа нападот.

„Многу е тешко. Немам зборови. Останав без дом“, изјави за „Курент тајм“ 21-годишната Олександра, која исто така живее на деветтиот кат од зградата што беше погодена.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, го посети местото на оштетената станбена зграда утрото на 6 јули.

„Не исклучуваме дека може сè уште да има луѓе под урнатините, „за жал, меѓу загинатите има деца. Уште еден геноцид од страна на Русија, нема друг начин да се опише, кога домовите, мирните домови се уништуваат и цивилите се убиваат“, рече тој.

Москва лансираше 68 ракети и 351 беспилотни летала врз Украина преку ноќ, вклучувајќи хиперсонични, балистички и крстосувачки ракети, соопштија украинските воздухопловни сили на 6 јули.

Зеленски го осуди нападот, повикувајќи ги партнерите во Европа и САД да ја зајакнат својата поддршка за воздушната одбрана на Украина од руските балистички ракети.

„Од клучно значење е светот – пред сè САД и нашите европски партнери – да излезат од самитот на НАТО во Анкара со силни одлуки во поддршка на нашата воздушна одбрана, а со тоа и заштита на животите на обичните луѓе“, напиша тој во објава на X.

„Додека ракетите „Патриот“ остануваат во залихите на нашите сојузници, Русија е само охрабрена да продолжи да „победува“ станбени згради. САД и Европа имаат доволно сила да го спречат овој терор“, додаде тој.

Нападот доаѓа два дена откако американскиот претседател Доналд Трамп имаше одделни телефонски разговори со Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, притискајќи ги напорите на Вашингтон да се позиционира како клучен посредник во конфликтот.