Опозицијата смета дека е потребен рефендум на кој ќе се прашаат жителите на Крива Паланка дали сакаат да се реализираат најавите за рудникот за антимон во кривопаланечкиот регион Луке. Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, наспроти ставот на неговиот сопартиец, градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, смета дека треба да им се остави на граѓаните да ја донесат таа одлука, а не на централната и на локалната власт.
„Но, ако тоа не го одобруваат граѓаните, тогаш јас и СДСМ застануваме на страна на граѓаните“, рече Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски пак, на ова коментираше дека правото да се побара референдум е уставно загарантирано, но проектот за рудникот кај Луке е стратешки за државата и за локалното население и е дел од билатералната соработка со Соединетите Американски Држави(САД).
„Ме зачудува е фактот дека градоначалникот на Крива Паланка, кој е од редовите на СДСМ, има сосема спротивно мислење од овој став на раководството на СДСМ, бидејќи јас честопати коминицирав со него, вклучително и денеска. Можев да се уверам дека неговиот ставот е сосема спротивен“, одговори Мицкоски на новинарско прашање.
Според премиерот, станува збор за инвестиција со значаен економски бенефит за регионот и населението, посочувајќи дека областа е типично рударско подрачје и дека проектот е стратешки и за државата и за локалната заедница.
Референдум на локално ниво може да распише советот на општината, по сопствена иницијатива и на предлог од најмалку 20% од граѓаните од општината. Станува збор за рудникот Крстов дол кој бил затворен во 1981 година, поради мала побарувачка и ниска цена на минералот антимон.
Пред десетина дена премирерот Мицкоски најави дека Во тек се геолошки истражувања во рударскиот реон Луке-Караманско во Кривопаланечкиот Регион, каде што има полиметалични наоѓалишта, вклучително и на ретката руда антимон. Тој тогаш посочи дека концентратот од македонскиот антимон ќе се дистрибуира до топилница во Оклахома, САД.
„Тоа е редок минерал, кој може да значи многу за нашата економија. Истражувањата се прикрај. Ќе се извезува во САД. Од инвеститорите ја добив информацијата дека топилницата би се градела во Оклахома. Тоа е нешто што е многу важно за нашата држава и за нас како граѓани“, информираше премиерот Мицкоски.


