Поразот на Виктор Орбан на парламентарните избори во Унгарија може да ги отвори прашањата за бизнис-врските меѓу него и премиерот Христијан Мицкоски, објави денеска СДСМ во соопштение до јавноста, на што од владејачката ВМРО-ДПМНЕ веднаш и остро одговорија со негирање за било што нелегално.
„Мицкоски ги ставил стратешките интереси на државата во рацете на Орбан, не поради државни, туку поради лични и бизнис интереси“, наведуваат социјал-демократите во нивното соопштение и додаваат дека „кругови блиски на Орбан влијаат во Македонија во медиумскиот сектор, телекомуникациите, енергетиката, инфраструктурата и кредитните аранжмани“. СДСМ во тој контекст, во телекомуникацискиот сектор ја споменува компанијата 4иЏ, поврзувајќи ја со лиценцата за трет мобилен оператор во Македонија, додека во делот за енергетиката се повикува на фирмата „Статус енерџи“, за која тврди дека е поврзана со унгарски бизнис структури блиски до Орбан.
Од ВМРО-ДПМНЕ во писмено соопштение возвратија дека постојат официјални договори со Унгарија.
„Венко Филипче, верен чувар на фотелјата на Зоран Заев во СДСМ заедно неговото ново раководство време е да почнат да живеат тука и сега. Да му објасниме што значи тоа. Прво, нема никакви тајни бизнис врски со Виктор Орбан и неговата партија. Второ, има официјални државни договори и соработка. Тоа значи договори меѓу Македонија и Унгарија има соработка како две држави од ист континент Европа кои соработуваат на повеќе полиња. Можеби Филипче со неговиот ментор Заев работел така па мисли сите работат тајно и криминално. Оттука, Филипче нека се свести и нека се фати за неговата примарна задача, а тоа е да ја оттргне СДСМ од Заев, поточно да се огради јасно од неговите криминални бизнис врски, криминални зделки и слично. Надлежните институции во правосудството треба да постапуваат по се што е изведено во јавноста како информација“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.


