Кога и зошто полицијата ќе направи контрола во кочанската дискотека „Пулс“, биле дел од клучните информации кои редовно му пристигнувале во телефонското сандаче на сопственикот и првообвинетиот Дејан Јованов. Ова го откри Обвинителството на судското рочиште на 6 јули во затворот Идризово, каде што се притворени над 30 обвинети за пожарот во кочанската дискотека во која загинаа над 60 луѓе и над 200 бе повредени.
Обвинителството ги презентираше докази од екстракција и анализа на телефонска комуникација од мобилните на првообвинетиот Дејан Јованов, Деко и неговиот син Михајло Јованов. Биле презентирани СМС пораки и вибер комуникација на првообвинетиот со контакти како што биле запишани во неговиот мобилен – Началничка Марија, Цеце, Тодор Јованов, Весна Инспекторка приватен, Лазе Жти, Ацо командант, Магдалена Лиценца, Вики економија, Благица Диско, јавува порталот мкд.мк.
Од презентираната документација, Обвинителството читаше како Дејан Јованов Деко добивал информации за можни рации во дискотеката, како комуницирал со вработени, инспектори, полицајци и неговиот син за како да постапуваат, но и дека бил потсетуван дека му истекува лиценцата и треба да побара продолжување.
Фотографија од уплатница на 4 илјади евра како потврда за мито кон поранешниот советник во Министерството за економија Џевахир Камбери, покажа Обвинителтвото во судницата, добјаснувајќи ја со куса вибер комуникација за причината за уплатата- лиценца за работа, јавува Телма.
Обвинителството презентираше комуникација со вработени во Економија и полиција што му даваат информации за најава за контрола на малолетници, кога му истекува лиценцата, како и комуникација меѓу Дејан и неговиот син Михајло, поврзана со функционирањето на правните субјекти каде се тие активни.
Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“, во изјава на паузата на денешното рочиште, порачаа дека се отвораат сериозни прашања по презентирањето на комуникациите помеѓу Деко и Михаил и дел од полициските и институционалните службеници
Родителите на младите кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“, во изјава на паузата на денешното рочиште, забележаа дека оваа комуникација покажува сериозен сомнеж за институционална заштита и влијание врз контролите и постапките.
„Има полициски службеници кои биле во постојана комуникација со дојава на контроли со обвинетите Михаило и Деко, а и полициски службеник кој е во пензија, а има 400 комуникации со сопственикот и неговиот син. Ова отвора прашања дали сите се опфатени, сите релевантни факти и лица, и дали има основ за дополнителни истраги. Јавноста очекува целосно расветлување на случајот и утврдување одговорност за секој за кого ќе се докаже вмешаност“, изјави Наунов.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.
Вкупниот број на обвинети во судскиот процес е 35 лица и три фирми. Меѓу нив газдата и лица од сопственичката структура на дискотеката, поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници. На сите ќе им се суди за исто кривично дело – „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“


