Одделението за внатрешни работи Кочани(ОВР КОчани) поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Кочани против осум лица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Пријавени се С.Ш.С. (53) од Македонски Брод, С.Ѓ. (59) од Скопје, З.М. (64), С.З. (61), Т.К. (42), Н.Д. (43), Г.П. (41) и М.З.С. (44) од Кочани, службени лица во Државниот инспекторат за труд, објави Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според истрагата, од 2022 година до 16.03.2025 година, пријавените иако биле законски обврзани да вршат инспекциски надзор, не покренале ниту една постапка за контрола над работењето на угостителски објект во Кочани.
И покрај тоа што станувало збор за објект кој 13 години бил единствен објект од таков тип во општината, инспекторите не презеле мерки за утврдување на фактичката состојба, ниту спречиле негово незаконско работење, соопшти МВР.
Со тоа, според обвинителството, овозможиле објектот во континуитет да продолжи со вршење угостителска дејност, без соодветни контроли за безбедност и заштита при работа, при што била остварена противправна имотна корист во износ од 1.255.977 денари.
Според објавениот датум во пријавата – 16 март 2025 година- извесно е дека станува збор за дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која на тој ден избувна пожар при што 63 лица загинаа, а повеќе од 200 беа повредени.


