Жителите на Блатец издвоија победа, Владата ја раскина концесијата за мала хидроцентрала

Објавено:

Владата донесе одлука за еднострано раскинување на концесијата за користење на вода за изградба на мала хидроцентрала на реката Блатешница. Оваа одлука е донесена на 30 јуни, а објавена во Службениот весник на 3 јули. Според неа, за раскинувањето на концесијата е известено Министерството за енергетика со напомена таа одлука да биде земена в предвид при понатамошно одлучување. Причината за раскинување на концесијата е тоа што од концесионерот не отпочнал со производство на во рокот утврден во договорот.

Владината одлука следува по неколку месечни протести на жителите на село Блатец, кои во текот на февруари и март организираа блокади, 24 часовни стражи и протести. Мештаните стравуваа дека со изградбата на малата хидроцентрала ќе секне водата за пиење и за наводнување, додека концесионерот тврдеше дека се е законски, со отстапки на негова штета.

Владата 14 години издава концесии за мали хидроцентрали, толку трае и битката на невладините организации и локалното население против нивна изградба. Концесијата за хидроцентрала ја имаше фирмата „Енерџи лукс“ Кочани уште од 2012 година. Владата во октомври лани ѝ го продолжи рокот за изградба на хидроцентралата до 7 март 2026 година.

Актуелните случувања се кулминација на десет годишно вртење во круг низ институциите преку разговори, тужби и докажувања за оваа хидроцентрала за која мештаните бараат од Владата да ја поништи концесијата. Тие велат дека немаат ништо против концесионерот, туку се противат на намерата воопшто да има хидроцентрала на Блатечка река.

Фирмата „Енерџи лукс“ – Кочани во 2012 година склучила договор со тогашната Влада за концесија за мини – хидроцентрала на река Блатешница, со предвидена моќност од 606 киловати, со локација на водотекот на Блатешка река. Согласно законите, фирмата има решение за привремен статус на повластен производител на електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија. Важењето на решението по автоматизам го продолжува Регулаторната комисија за енергетика, со анекс-договори и досега е продолжено десетина пати.

Владата, на својата 117 седница на 3 октомври 2025 ја разгледала информацијата за статусот на реализација на договорот за концесија на Блатечка река и на концесионерот му го продолжила рокот за продолжување со комерцијална работа до 7 март 2026 година.

Блатец е село со околу 1.100 жители, колку што останаа постојано да живеат во него по миграциите во други држави, особено во Италија.

Малите хидроцентрали како обновлив извор на енергија ги промовираше владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски и Али Ахмети од ДУИ уште во 2012 година. Според тогашните најави на Груевски, требаше да се изградат 400 мали хидроцентрали, во кои ќе се инвестираат 176 милиони евра и за нив беа одредени места секаде низ државата.

Еден од главните двигатели на ваквиот бум со мали хидроцентрали во земјава се субвенциите, односно повластените тарифи кои ги добиваат инвеститорите. Се работи за бизнис со многу низок ризик, со загарантирана откупна цена од 20 години, лесно се подигаат кредити од банките за изградба на објектите, што значи дека и без сопствени средства може да се влезе во целата приказна, а токму тоа го прави овој бизнис многу привлечен за инвестирање.

Повеќе од 14 години години македонската влада издава концесии за изградба на мали хидроцентрали, а толку трае и битката на невладините организации и локалното население против нивната изградба. Владите остануваат на тврдењата дека овие капацитети се потребни за да се зголеми производството на енергија од обновливи извори, а оние кои се против тврдат дека се прави голема штета врз природата за не многу голем удел во вкупното производство, но за голем профит на сопствениците на хидроелектраните.