Километар пат од Скопје до Блаце ќе чини 22,3 милиони евра

Објавено:

Вкупно 22,3 милиони евра ќе чини изградбата на еден километар пат од Скопје до Блаце. Проектот за втората делница од 10,5 километри е вреден 235 милиони евра, од кои 30,8 милиони евра се грант а 167,6 милиони евра се кредит од ЕБОР, како и 40 милиони евра грант од Европската Унија. Изградбата на оваа делница, според најавата ќе започне во август, а треба да заврши за четири години.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски и директорот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за Македонија, Фатих Туркменоглу, денеска потпишаа договор за инвестициски грант за доградба на преостанатите 10,5 километри од автопатот Скопје – Блаце.

Ако се земат предвид последните податоци кои беа споделени во јавноста, од поранешниот директор на ЈПДП, Ејуп Рустеми, до пред три години најскап автопат беше 18,4 милиони евра патот од Гостивар до Букојчани, кој како што изјави премиерот Христијан Мицкоски, наскоро ќе биде завршен. За изградба на овој пат тогаш беа за вкупно 30,3 километри пат да се потрошат 560 милиони евра, затоа што се работи за планински предел.

За автопатот од Струга-Ќафасан за 21,7 километри тогаш беше предвидено да се плати 360 милиони евра или по 16,5 милиони евра за еден километар, додека најевтин е патот од Прилеп до Битола за кој вкупно требаше да се потрошат 260 милиони евра за изградени 40 километри пат, што значи дека еден изграден километар чинел 6,5 милиони евра.

Мицкоски: Две децении празни ветувања за автопат

Автопатот од Скопје кон Косово се планира веќе две децении, го ветуваат речиси сите влади, а во 2020 година почна да се гради првата, полесна делница од 2 километри. Според тогашните најави, уште во 2021 година требаше да се вози по неа.

„Овој автопат со години беше симбол на неисполнети ветување, а на крајот останаа само празни зборови и по неколку купени парцели од сомнителни лица поврзани со политички партии“, обвини премиерот, Христијан Мицкоски по потпишувањето на договорот за грантот.

Заради забрзување на градбата, автопатот од 12 километри, беше поделен на две делници. Една од граничниот премин Блаце до клучката Блаце од 2 километри, и другата од 10 километри до клучката Стенковец. Од вкупните 12 километри пат на македонска територија, досега се изградени само два километри кои сè уште не се „свечено пуштени“ во употреба. Трајановски посочи дека овие 10,5 километри од автопатот ќе имаат по две сообраќајни ленти во секој правец со ширина од 3,5 метри и лента за запирање од 2,5 метри, а вкупната ширина на патот ќе биде 27 метри.

„Станува збор за исклучително тежок ридско-планински терен, поради што проектот предвидува изградба на пет тунели со по две цевки, чија вкупна должина ќе биде околу пет километри, девет мостови со вкупна должина од 2,5 километри, 11 потпатници, четири галерии за стабилизација на косините во должина од еден километар и девет потпорни ѕидови“, изјави Трајановски.

За споредба последната делница од автопатот „Арбен Џафери“, што ја поврзува Приштина со македонскиот граничен премин Блаце беше отворена во 2019 година. Автопатот од 65 километри на косовска територија е изграден на многу комплициран терен во Качаничката клисура со многу мостови и потпорни ѕидови, целиот беше завршен за пет години. Автопатот „Арбен Џафери“ почнува веднаш по скромниот граничен премиер Блаце – Елез Хан и поминува низ живописен терен во Качаничката клисура, а на одредени делници целиот е на столбови и е всушност над реката Лепенец. Таму се наоѓа и најдолгиот мост на Балканот од 6 километри.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски изјави дека по децении игнорирање на домашната градежна оператива, автопатот ќе го гради конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“.

„Автопатското решение треба да оди по трансевропската рута 6, кое треба да ги поврзе Скопје и Приштина, но и да продолжи понатаму на запад со поврзување со Тирана и Драч, и исто така северозападно да продолжи со поврзување со Бар. Со тоа, кон Скопје се отвора уште едно пристаниште и уште една можност за трговија, за бизнис, но исто така и за развој на туризам“, кажа Николоски.

Евроамабасадорот Михалис Рокас кажа дека ова е долгорочна инвестиција, а проектот ги исполнува стандардите на ЕУ.

„Горди сме што имаме 41 милион евра во грантови, што вклучува 37 милиони за изградба и надзор и заедно со заемот од ЕРБОР и националниот придонес, оваа инвестиција од повеќе од 235 милиони евра е еден од најважните проекти за транспорт на земјата. Но, секако сликата е многу поголема. Откако проектот ќе биде завршен, ќе нуди побезбедна поврзаност со границата со Косово, ќе го намали времето потрошено на патување, а и ќе ги приближи граѓаните од двете страни на границите“, рече Рокас.