Писториус: Се работи за безбедноста на Германија, АфД е блиска со Путин

Објавено:

Борис Писториус, германскиот министер за одбрана, сака да ја спречи крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) да пристапи до класифицирани информации доколку влезе во владата, а како причина за тоа ги наведе блиските врски на партијата со Русија, пренесе ДПА.

Тој за неделното издание на „Билд“ изјави дека близината на партијата со рускиот претседател Владимир Путин е неоспорна.

„Чувствителните информации не смеат да паднат во погрешни раце. Интензивно го испитуваме прашањето кому можеме да му дозволиме пристап до класифицирани информации. Веќе го правиме ова. Обврзани сме да го сториме тоа затоа што се однесува на безбедноста на нашата земја“, додаде тој, пренесен од германската агенција

АфД, најголемата опозициска партија во Германија, е под истрага на домашните разузнавачки служби на некои федерални покраини поради нејзините екстремистички антиимигрантски ставови.

Сите мејнстрим партии во Германија одбиваат да соработуваат со АфД во политика позната како „заштитен ѕид“. Канцеларот Фридрих Мерц постојано одбива соработка со партијата.

АфД се надева дека ќе освои апсолутно мнозинство на регионалните избори во септември во покраините Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Западна Померанија, резултат што би можел да ѝ овозможи за прв пат да управува со германска федерална покраина, потсетува ДПА.