Грција ги замрзна цените преку лето

Објавено:

Грчката мерка за замрзнување на цените е дел од поширок тренд во ЕУ каде владите користат комбинација од ограничување на профитни маржи, субвенции и директни интервенции за да ги ублажат инфлациските притисоци. Сепак, ефектите се различни, дел од краткорочната стабилизација на цените често се следени со „бумеранг“ ефекти кога мерките истекуваат. Грција се издвојува со тоа што ја комбинира краткорочната стабилизација со план за долгорочен договор со приватниот сектор, додека повеќето ЕУ земји се потпираат на субвенции или даночни олеснувања.

Грчката влада се договори со големите трговски синџири и производителите на храна во текот на летните месеци да нема нови поскапувања. Мерката, како што објавија грчките медиуми е дел од напорите за ограничување на инфлацијата која според последните податоци изнесува 3,9%.

Во договорот се вклучени околу 2.000 производи за широка потрошувачка, чии цени веќе беа намалени во претходниот период. Просечното намалување изнесува околу 6%, како резултат на строгото спроведување на мерката за ограничување на профитот што беше воведена како итен чекор, а која истече на 30 јуни.

Грчкиот министер за развој, Такис ​​Теодорикакос изјави дека нормализацијата на ситуацијата на Блискиот Исток ги ублажува меѓународните инфлаторни притисоци и изјави дека претставниците на бизнисот се обврзале на целосна стабилизација на цените без нови зголемувања во текот на летото.

„Размислувањето за проблемот со трошоците за живот и високите цени за многу наши сограѓани е несомнено врвен приоритет за владата како целина и за премиерот, под чие претседателство се одржа денешниот состанок со засегнатите страни од бизнисот“, рече тој.

Овие намалувања се дел од претходна владина мерка за ограничување на профитните маржи, а компаниите сега се обврзале да ги задржат пониските цени и во текот на летото. Грчката влада најави и дополнителен план за понатамошно намалување на цените од септември, во рамки на таканаречен „национален социјален договор“ насочен кон намалување на трошоците за живот.

Целта, како што наведуваат властите, е да се ублажат инфлациските притисоци и да се заштитат домаќинствата и туристите во период на зголемена потрошувачка.