Нотирано е во одредени маркети зголемување на бруто маржата, споредбено со минатата година од 2 до 5 отсто и тие ќе бидат повикани на состанок и јасно ќе им се каже дека тоа е недозволиво, кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски кој одговараше на новинарско прашање до каде се преговорите со маркетите и дали ќе има намалување на цените на прехранбените производи.
„Да, да бидам конкретен со пример – ако минатата година во јуни месец бруто маржата била 10 отсто, сега е 12 или 15 проценти. Тоа се тие дополнителни 2 до 5 проценти и тоа ние нема да го толерираме и многу јасна порака ќе испратиме кон тие. Кога би се намалиле тие 2 до 5 отсто, тогаш практично, ние би биле земја со најниска инфлација во Европа, во овој момент, иако очекувам стабилизирање на инфлацијата во јуни месец, многу помала вредност во споредба со мај и со април“, изјави Мицкоски.
Тој кажа дека за една недела треба да се објават тие параметри, врз основа на бројките кои што ги добиваат од Државниот пазарен инспекторат.
- „Исто така, ја дефинираме онаа група од 600-700 производи, каде што правиме анализа, таму ќе ни треба малку повеќе време, бидејќи се влезни-излезни фактори, маржа која што ја имаат дистрибутерите и производителите, визави бруто маржа, која што ја имаат ланците маркети. Малку е посложена анализата, лично јас ја работам, така што можеби ќе ни треба малку повеќе време“, рече Мицкоски.
- Според последните статистички податоци, четиричлено семејство во јуни имало потреба од над 68.600 денари за да ги покрие основните трошоци. Повеќе од третина од буџетот се троши за храна и пијалоци, над 100 евра месечно одат за облека, сметки и транспорт.
- Лани, Комисијата за заштита на конкуренцијата казни четири големи синџири маркети со по 50.000 евра за картелско здружување.


