Гладни за љубов и внимание

Објавено:

Повторливото и сеприсутно врсничко насилство е вресок на младите, апел за помош, свртување на внимание преку недолично однесување. Толку се чести, да веќе не можеме ни да ги запаметиме. Ние не можеме, но не и преживеаните жртви на насилство. Тие го носат товарот како крст на грбот. Многу од агресорите и самите носат трауми или растат во средина со насилство.

Ова е војна на малолетници. Децата нѐ предизвикуваат на семејни војни, оти ние, возрасните, ги отуѓивме од вистинските семејни вредности.

На видео снимката од врсничкото насилство во Аеродром не видовме гладни и жедни деца, туку збеснати деца. Најадени и напиени, но гладни за љубов и внимание. Не е родителска љубов децата само да ги храниш, да ги облекуваш, да им обезбедиш покрив над глава и школување. Тоа е одговорност и должност на секој што ќе се реши да стане родител. Љубов е нешто многу повеќе и побитно. Љубов е секојдневно вложување љубовен депозит на контото на своите деца, да ги гледаш со ширум отворени очи и кога спиеш, да разбереш што им е и кога молчат, да разговараш со нив преку сопствените дела, да ги научиш да бидат добри луѓе без да си наштетат себеси, да знаат да разликуваат добро од лошо.

Децата ни се лизгаат од рацете, не толку полека, колку сигурно. Исто како и моралот. Моралните норми се менуваат со секоја нова генерација. Се навикнуваме на ненормалности како на нешто најнормално. Затоа, аналогно на менливиот морал, кој попушта во име на ,,слободоумието” треба да се менуваат и законските норми. Не е слободоумие недолично однесување. Не е демократија да правиш што сакаш. Не се човекови права насилно и дрско однесување. Не е љубов, ако на детето му дозволуваш сѐ, без да му поставиш здрави граници. Не е љубов да му удоволиш или купуваш сѐ што ќе посака, затоа што ти си немал, па така ги пополнуваш сопствените празнини. Постојат родители кои имале материјална сигурност кога биле деца, но како родители не можат да им ја обезбедат на своите деца. Треба ли да се фрустрираат поради тоа, да плукаат по системот кој е немилосрден за граѓаните кои ,,заработуваат” од слабо платените професии?

Не оди така. Не смееме да дозволиме со своите комплекси да си ги фрустрираме децата. Има многу скромни, па и сиромашни семејства каде што вирее раскошна љубов кон децата, исто како што и во богатите семејства растат трудољубиви и неразгалени деца. Не треба да се фрла стигма, да се генерализира и да се лепат етикети полни предрасуди. Факт е дека сме поделени на богати и сѐ посиромашни, не е факт дека сите богати (сиромашни) се исти. Богатството е во душата, не е во џебот. Богат е оној кој умее да сака. Капиталната љубов кон децата, онаа која се всадува длабоко во душата и меморијата, онаа која станува оружје за одбрана од секакви фрустрации, е наједноставната, исконска родителска грижа, за која не треба ,,кеш”. Треба малку додека растат за многу добивки кога ќе пораснат. Не случајно се вели: ,,што ќе посееш, тоа ќе пожнееш”. Епа да сееме семе на љубов, за да жнееме радости.

Да го заспиваш чедото со приказни и прегратка е малку. Да соработуваш со него од најмала возраст, заедно да ги делите обврските е малку. Кога готвиш или чистиш по дома, малку нека ти асистира и детето. Направи од детето добро друштво за твоите слободни активности, нека се движи со тебе, пешки или со велосипед. Играј ги сите друштвени игри со него, без оглед што ти се здодевни. Повторно расти со твоето дете. Не учи со него, научи го како да учи со радост без да му наметнеш комплекс заради послаби оценки. Слаба оценка никако не значи слаб дух и тело. Таа е само моментална слабост, која се поправа многу побргу и полесно отколку било која фрустрација или болест. Најпоправливи се оценките, нервите не се! Научи го да ја почитува различноста на луѓето, да ја сака природа и животинскиот свет, да знае каде и какви опасности се кријат без да му развиваш чувство на омраза. Научи го да се заштити, а не да мрази. И научи да се преиспитуваш себеси, каков родител си.

Ах, колку многу си ги труеме децата со борбата за материјален престиж! Деца кои имаат слободно време за ,,слободоумие”- да прават што сакаат и да поминат неказнети се невоспитани, дрски деца.
Дете кое има нагон да удира и да омаловажува за да се истакне во друштвото, да биде во центар на внимание со нехумано и недолично однесување, е дете кое можеби растело како жртва во сенка, кое гледало и слушало насилство и научило дека треба да му се плашат. Парична казна на родителите само ќе го дополни вечно празниот буџет, но не и срцата на децата, било жртви, било агресори. Ако е доцна за превоспитување, тогаш е време за институционални, системски решенија, па нека се вика и казнена експедиција! Кецмановиќ, младиот убиец од белградското училиште ,,Рибникар”, е чист пример дека треба да се намали старосната граница за малолетничка деликвенција и насилство.

Секако дека за шлаканица, кубење, јавно понижување, горење цигара од кожа не се оди во затвор. Ама може да се помине извесно време во поправен дом, секако ако е цивилизиран и приспособен да поправа, а не да дорасипува. Во еден таков дом, чист како хотел, треба да има вработено флота од стручни лица, социјални работници, психолози, педагози, образовни асистенти и професионална екипа која ќе ги следи и рехабилитира децата преку воспитно-образовни содржини, социјализација, физичка активност и работни ангажмани. Нека се научат да готват, да носат храна на други домски деца. Нека ги видат болните деца на Онкологија, децата со посебни потреби и изнемоштените, не за да се потресат, туку да развијат емпатија и сочувство кон послабите. Само школувано срце е добро срце. Само добар човек е човек. Само добрината и љубовта се лековити. Ако не успееме како родители да им ги всадиме во срцата, ако ни пораснат во луѓе без срца кои така лесно кршат туѓи срца, тогаш мора казнена политика и институционално третирање на девијантните појави. Доцниме за превенција, насилствата се чекор пред нас.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.