Случајот со тројцата функционери на коалицијата ВЛЕН кои тврдат дека на 8 јули не им било дозволено да влезат во Албанија доби поинаква димензија по прес конференцијата на директорот на албанската полиција Скендер Хита. Хита на прес-конференција изјави дека не станувало збор за забрана за влез на тројцата функционери, туку дека проблем имало само кај едно лице кое било со нив, а за кое постоеле „законски пречки“ за преминување на границата.
„Четворица граѓани се појавија на граничниот премин Ќафасан со намера да влезат во Албанија. Тројца од нив имаа дипломатски пасоши и беа информирани дека можат да го продолжат патувањето. Едно лице кое беше со нив не можеше да патува поради законски пречки на границата. Во тој момент, и другите тројца одбија да продолжат и се вратија назад“, изјави Хита.
Според него, вакви случаи не се исклучок. Хита посочи дека во текот на 2025 година албанските гранични власти вратиле 625 лица, од кои 425 само во првите шест месеци од годината, нагласувајќи дека станува збор за редовна полициска процедура. Според досега објавените детали во албанските медиуми за прес конференцијата, нема точни податоци на кои гранични премини се сопрени овие 625 луѓе.
Претходно, функционерите на ВЛЕН објавија дека биле запрени на граничниот премин Ќафасан при обид да влезат во Албанија.
Координаторот на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку, пратеникот Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани, според соопштението на Влен биле задржани околу еден час на граничниот премин Ќафасан, без никакво официјално објаснување, иако сите тројца беа опремени со дипломатски пасоши.
Детали од инцидентот објави пратеникот Ќоку на неговиот профил на Фејсбук. Тој објаснува дека делегацијата патувала кон Тирана по службени обврски и тројцата функционери приложиле дипломатски пасоши при рутинската гранична контрола, која вообичаено трае неколку минути, но овој пат се претворила во едночасовно задржување без никакво образложение.
„ВЛЕН бара од властите на Република Албанија да ја информираат јавноста дали навистина постои таква мерка. Доколку е така, кој ја донел оваа одлука, врз која законска основа се темели и кои се конкретните причини за таквата акција против избраните функционери и институционалните претставници. Меѓуалбанските односи треба да се градат врз транспарентност, институционално почитување и јасна комуникација, а не врз необјаснети забрани и процедури што оставаат простор за сомневање“, се вели во нивното соопштение.
Албанската полиција ја отфрла таквата интерпретација и инсистира дека постапувала согласно законските процедури, посочувајќи дека тројцата функционери можеле да продолжат со нивното службено патување во Тирана, но без придружба на четвтиот патник на кого му е изречена забрана за влез.
Клучното прашање кое останува без одговор е кој бил четвртиот човек поради кого, според албанската верзија, настанал проблемот на границата и каква точно била правната пречка за неговиот влез. Неговиот идентитет не е наведени ниту во полициското соопштение на албанската полиција, ниту во соопштението на Влен во кое се наведени имињата на фунционерите кои биле задржани на граничниот премин.
Случајот предизвика политички реакции во двете земји, а дополнителни детали се очекуваат од надлежните институции.
Претседателот на македонското Собрание Африм Гаши изрази загриженост во врска со како што вели „ постапувањето кон пратениците“ на граничниот премин Ќафасан.
„Пратениците се избрани претставници на граѓаните и носители на уставен мандат. Поради тоа, секое постапување што го засега нивниот авторитет и нивната функција треба да биде во согласност со највисоките стандарди на почит и достоинство што им припаѓаат на избраните претставници на народот“, вели Гаши.
Тој додаде дека поради „братските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија“ очекува целосно и транспарентно разјаснување кое ќе придонесе за зачувување на меѓусебната доверба, институционалната почит и духот на соработка.


