Координаторот на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку, пратеникот Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани, беа задржани околу еден час на граничниот премин Ќафасан, без никакво официјално објаснување, иако сите тројца беа опремени со дипломатски пасоши, се вели во соопштението од владината коалиција Вреди ( Влен).
Детали од инцидентот објави пратеникот Ќоку на неговиот профил на Фејсбук. Тој објаснува дека делегацијата патувала кон Тирана по службени обврски и тројцата функционери приложиле дипломатски пасоши при рутинската гранична контрола, која вообичаено трае неколку минути, но овој пат се претворила во едночасовно задржување без никакво образложение.
Од друга страна пак, албанскиот портал „Ма Шкип“ (ma shqip.com) јавува дека немале проблем функционери кои сакале да ја преминат границата, туку еден од патниците кој не бил функционер. Од граничната и миграциската служба за „Ма шкип“ велат дека пратениците патувале заедно со уште едно, четврто лице, кое имало проблеми со документацијата и не ги исполнувало условите за влез на територијата на Албанија, односно имало забрана за негов влез.
Според оваа верзија, тројцата функционери можеле да го продолжат патувањето, но одлучиле да се вратат назад.
Од ВЛЕН велат дека добиле неофицијални одговори од граничната полиција дека постои забрана за тројцата функционери за влез во земјата, но дека не им бил покажан документ за „наводната“ забрана.
„ВЛЕН бара од властите на Република Албанија да ја информираат јавноста дали навистина постои таква мерка. Доколку е така, кој ја донел оваа одлука, врз која законска основа се темели и кои се конкретните причини за таквата акција против избраните функционери и институционалните претставници. Меѓуалбанските односи треба да се градат врз транспарентност, институционално почитување и јасна комуникација, а не врз необјаснети забрани и процедури што оставаат простор за сомневање“, се вели во нивното соопштение.
Во меѓувреме, според телевизијата ТВ21, постојат сомневања дека функционерите од Северна Македонија можеби биле поврзани со организацијата на протестите во Тирана, кои се споменуваат како дел од таканаречената „Фламинго револуција“.
Досега нема официјална потврда од албанските власти дека била изречена каква било мерка за забрана за влез на тројцата функционери, ниту, пак, потврда за тврдењата дека биле вмешани во организирањето на протестите.


