Стотици илјади луѓе денеска, 24 октомври, протестираа низ Франција против високите животни трошоци и растечката нееднаквост. Министерството за внатрешни работи процени дека учествувале 410.000 лица. Иако најголемиот дел од собирите поминаа мирно, вечерта избувнаа судири во Париз и Марсеј, јавува новинската агенција Ројтерс.
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез соопшти дека до вечерните часови биле приведени речиси илјада луѓе на територија на целата држава. Овие податоци не се конечни, затоа што приведувањата се уште траат и министеркот најави дека е можно нивниот број да расте, јавува новинската агенција Франс прес. Протестниот марш во Париз бил мирен се додека доцна попладнето не избиле судири кај Порт де Венсен. Дел од присутните фрлале предмети кон полицајците, кои одговориле со солзавец и воден топ. Подоцна полицијата соопшти дека собирот е целосно растурен и дека со помош на хеликоптер се работи во откривањето преостанати групи што предизвикуваат нереди, јавува француската телевизија ТВА Ноувелес (TVA Nouvelles).
Од друга страна според податоците на синдикаците, одѕивот на демонстранти е поголем, односно речиси 800.000 учесници во Франција, од кои 250.000 во Париз. Полицијата, пак, изброила 110.000 лица на парискиот марш. За обезбедување на протестите биле мобилизирани повеќе од 70.000 полицајци.
Новата мобилизација на протести ги обедини средношколците, синдикатите и „жолтите елеци“. Последните повикаа на нов ден на протести на 31 октомври, со собири пред Националното собрание и општинските згради, против, како што ја оценуваат, авторитарната насока на власта. Протестниот бран почна во септември во средните училишта во работничките северни предградија на Париз. Незадоволството од недостигот на наставници и лошите училишни услови прерасна во поширок протест против нееднаквоста, јавната потрошувачка и животниот стандард. Голема ескалација следуваше на 17 октомври, кога покрај мирните маршеви имаше грабежи, напади врз јавни објекти и пожари. Тогаш беше запалена општинската зграда во Лимож, а властите соопштија за околу 1.200 приведени.


