Нови напади врз бродови во Бугарија, Радев ќе разговара со Руте

Објавено:

Два брода биле погодени од беспилотни летала во близина на бугарскиот брег на Црно Море, од кои едниот потонал. Ова е втор ваков инцидент во рок од една недела, изјави денеска премиерот Румен Радев.

„Бродот „Челси 3“, во украинска сопственост, кој плови под малтешко знаме, бил погоден од три беспилотни летала на оддалеченост од околу 33 километри од бугарскиот брег, при што бил оштетен“, изјави Радев.

Посадата на бродот, составена од седум Украинци и осум Азербејџанци, била спасена. Петмина членови на екипажот побарале лекарска помош, но никој не бил посериозно повреден.

Еден член на екипажот на вториот брод, кој потонал, исто така бил спасен, додаде Радев.

„Ова е апсолутно неприфатливо, уште еден напад во непосредна близина на бугарските територијални води“, изјави Радев во телевизиско обраќање.

„Ќе разговарам со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте“, додаде тој.

Радев изјави дека нема јасни докази за тоа кој го извршил нападот, но дека „исходот ѝ оди во прилог на Руската Федерација“.

Тој додаде дека поради инцидентот ќе го повика рускиот амбасадор на разговор.

Бугарија не граничи ниту со Украина ниту со Русија, но како членка на НАТО зазема стратегиска позиција на Црно Море.