Корисниците кои се приклучени на системите за греење со кои управува ЕСМ, изутринава добија парно греење, два дена пред официјалниот почеток на грејната сезона.
Причината, велат од ЕСМ, е најавената средна надворешна температура од 12 Целзиусови степени, со што се исполнуваат условите за испорака на топлинска енергија, согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика.
„До 15 октомври, на веб-страницата на ‘ЕСМ снабдување’ секојдневно ќе се објавуваат информации за тоа дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден“, информираа од АД ЕСМ.
Согласно правилата, посочуваат оттаму, во октомври и првата половина од ноември, кога временските услови често се менуваат, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурите, односно кога температурите се пониски, испораката на топлинска енергија се зголемува, а кога се повисоки, се намалува.
ЕСМ ги повикува корисниците да ги подготват внатрешните грејни инсталации, а заедниците на сопственици да обезбедат пристап до топлинските потстаници, редовно напојување со електрична енергија и функционални инсталации, со подмирени сметки за електрична енергија.


