Обвинение против телохранител на Мицкоски, ја давел сопругата пред детето, се скрила кај соседи

Објавено:

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против член на обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски, за нанесување телесна повреда при семејно насилство.

Обвинителството бара и да се продолжи притворот за ова лице, оти ја тепал и давел сопругата пред малолетното дете.

„Според наводите во обвинителниот предлог, обвинетиот, по претходна вербална расправија во семејниот дом, физички ја нападнал оштетената, удирајќи ја по лицето и главата пред нивната малолетна ќерка, по што ја фатил за вратот и започнал да ја дави. Со дејствијата на обвинетиот, на оштетената ѝ биле нанесени телесни повреди и предизвикана психичка вознемиреност”, соопшти Обвинителството за организиран криминал.

Сопругата на ова службено лице заедно со ќерката побарала помош кај сосетка, која ги примила во својот дом, според Обвинителството.

Пред три дена, премиерот Мицкоски ова семејно насилство го нарече “мал престап” и рече дека системот веднаш функционира.

„Тоа е втор случај за лице од моето обезбедување каде што законот важи за сите, за разлика од минатото, кога членови на обезбедување на претседател тепаа граѓани, дивееја по дискотеки и минуваа неказнето. ​Во овој случај гледате мал престап и веднаш системот функционира. Тоа е уште еден доказ дека можеме и во иднина. Недисциплина јас не толерирам, не само во рамките на моето обезбедување, туку, за волја на вистината, тоа е припадник на претходницата која не ја гледам така често. А, за волја на вистината, сопругата е ќерка на мој колега од факултет“, кажа премиерот кога се откри ова семејно насилство сторено од член на своето обезбедување.

МВР соопшти дека полицијата го упасила 39-годишниот обезбедувач на Мицкоски на 2 мај во 23 часот, откако неговата 37-годишна сопруга пријавила дека во семејниот дом била физички нападната, дека ѝ биле упатени закани и дека ѝ бил оштетен мобилниот телефон, по што уапсениот доби осум дена притвор.