Потребен е „европски одбранбен сојуз“, побара новоформираниот меѓупартиски сојуз на европратеници, јави ДПА.
„Да сметаме единствено на САД за одбрана на Европа е опасен ризик“, се вели во соопштението потпишано од пратеници од целиот политички спектар, вклучувајќи ги Германците Мари-Агнес Штрак-Цимерман, Михаел Галер и Тобијас Кремер.
Тие наведуваат дека се потребни структури што ќе им овозможат на земјите да дејствуваат дури и без НАТО доминиран од САД во случај на вонредна состојба, вклучувајќи соодветни командни структури и сили за брза реакција.
Владите на ЕУ велат дека се подготвени да ги зајакнат своите воени капацитети, но им недостасува вистинска решителност, се вели во текстот, тврдејќи дека краткорочните национални интереси продолжуваат да го блокираат вистинскиот напредок во купувањето одбранбена опрема. Заедничката набавка би можела да заштеди до 100 милијарди евра годишно, рекоа тие.
Декларацијата не споменува нуклеарно одвраќање, иако германскиот европратеник Лукас Ципер рече дека новата група ќе го разгледа политички чувствителното прашање подоцна, пренесе Ројтерс.
Ова доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп ги критикува ЕУ и НАТО, а во западните медиуми повторно се отвора темата дали Трамп сака САД да останат во Алијансата.
На ова му претходеа и информациите дека американскиот државен секретар Марко Рубио изјавил дека со италијанската премиерка Џорџија Мелони не разговарал за можноста за повлекување американски војници од Италија. Ова, пак, следуваше откако САД објавија одлука за повлекување на 5.000 војници од Германија, додека американскиот претседател Доналд Трамп се закани со дополнително намалување на силите во Италија и Шпанија поради нивниот став кон војната со Иран.
Рубио изјавил дека е „силен поддржувач на НАТО“, но притоа критикувал некои европски држави, особено Шпанија.
„Одредени држави во Европа ни го ускратија користењето на тие бази во многу важна ситуација, што создаде непотребни опасности за САД за време на операциите против Иран“, изјавил Рубио.


