Шпанските власти се подготвуваа да примат повеќе од 140 патници и членови на екипажот на крузер заразен со хантавирус, кој се упатува кон Канарските Острови, каде што здравствените службеници изјавија дека ќе извршат внимателни евакуации, јави агенцијата АП.
Се очекува бродот да стигне до шпанскиот остров Тенерифе, крај брегот на Западна Африка, во сабота или недела, на 9 или 10 мај.
„Тие ќе пристигнат во целосно изолирана, оградена област“, изјави Вирџинија Барконес, шеф на службите за итни случаи на Шпанија.
„MV Hondius“ е брод кој плови под холандско знаме. Холандски служби соопштија дека се во близок контакт и со сопственикот на бродот и властите на земјите чии граѓани се на бродот.
Соединетите Американски Држави се согласија да испратат авион на Канарските Острови за да ги репатрираат своите 17 граѓани од крузерот. Британската влада, исто така, соопшти дека ќе изнајми авион за евакуација на речиси дваесетина британски граѓани на бродот.
Најмалку тројца патници починаа, а неколку други лица се болни. Светската здравствена организација го смета за низок ризикот за пошироката јавност од епидемија.
Хантавирус е редок, но потенцијално тежок вирус што најчесто се пренесува од заразени глодари на луѓе преку урина, измет или плунка. Животните обично не покажуваат знаци на болест, но можат да го исфрлаат вирусот во околината. Луѓето најчесто се заразуваат кога ќе вдишат ситни честички од исушен измет, урина или плунка на заразен глодар, особено при чистење затворени, прашливи или слабо проветрени простории.
Во најголем дел од случаите, хантавирусот не се шири лесно од човек на човек. Исклучок се одредени соеви, особено Andes virus во Јужна Америка, каде во претходни епидемии е забележан ограничен пренос меѓу луѓе при близок и продолжен контакт. Затоа здравствените служби внимателно ги следат кластерите на заболени, особено кога се појавуваат во затворена средина.
Симптомите најчесто почнуваат како грип: температура, замор, болки во мускулите, главоболка, мачнина, повраќање или болки во стомакот. Кај потешките форми, болеста може брзо да напредува кон проблеми со дишењето, кашлица, притисок во градите и белодробен синдром, кој бара итна медицинска грижа. Во некои региони хантавирусите можат да предизвикаат и хеморагична треска со бубрежен синдром.


