Судбината на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) е уште тема на јавен судир помеѓу опозициската и најголемата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, покрај бројните прозивки за тоа како власта се справува и ги штити граѓаните од скокот на цените.
Последната низа реакции за опозициската партија предизвика изјавата на поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски, дека СДСМ не успеала да го канализира опозициското расположение во државата. За порталот „Призма“ тој порача дека партијата без длабоки промени може да се соочи со понатамошен пад.
За Венко Филипче, кој ја предводи партијата речиси две години, изјавата на Пендаровски е извадена од контекст од „провладини медиуми и агитатори“. СДСМ, според него, не само што не е мртва партија туку континуирано ја намалува предноста на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога ќе се погледне целата изјава, јасно е дека станува збор за поддршка на процесите што ги водиме во партијата. Но, во изминатите денови сведочиме на засилена црна кампања од провладини медиуми и агитатори, кои намерно креираат лажна слика за наводни поделби и слабости во СДСМ“, рече Филипче, прашувајќи зошто ако СДСМ е „мртва партија“, 90% од нападите на провладините медиуми се насочени токму кон СДСМ и лично кон него.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека опозицискиот лидер си ја толкува изјавата на Пендаровски како комплимент иако не е тоа.
„Нема навреда и понижување кое Филипче не може да го претвори во комплимент. Така ја водеа и земјава, така ги вршеа и сите предавства. Со тој ментален склоп. Така впрочем е научен од Заев. Образ ѓон“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
А, што точно кажа поранешниот шеф на државата?
Пендаровски во интервјуто за „Призма“ констатираше дека владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ го изгубила „мнозинството од луѓето кои обично гласаат во Македонија“, а СДСМ не успеала да го канализира тоа и „да ги донесе тие луѓе на свое конто“.
„Кога не успевате да го направите тоа, рецептите во светот се јасни. Или ја менувате не ПР туку политичката стратегија, пристапот кон гласачите или носите други луѓе кои можат да пристапат до одредени слоеви на изборната конституента“, рече Пендаровски.
На нив (СДСМ) е како ќе се решат понатаму, додаде тој и продолжи:
„Навистина постои опасност СДСМ и со овој последниот вклучително пад во изборната поддршка, да на следните избори не биде подобар и да отиде полека кон исчезнување и влегување полека во некоја статистичка маргина на грешка“.
СДСМ која од 2017 владееше речиси седум години, падна од власт по изборите во мај 2024 освојувајќи само 18 пратеници во 120-члениот парламент.
Тогаш, ВМРО-ДПМНЕ доби 58 пратенички мандати, додека нејзините коалициските партнери ВРЕДИ (ВЛЕН) освоија 14 – дел од нив се отцепија и преминаа во опозиција. Третиот партнер во власта ЗНАМ, пак, доби шест пратеници. Исто толку доби и опозициската Левица, додека опозицискиот Европски фронт на ДУИ имаше 18 пратеници.
По ваквиот пораз, дотогашниот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и останатото раководство се повлекоа, а на чело на партијата дојде Венко Филипче, кој беше министер за здравство во претходната влада на социјалдемократите предводена од Зоран Заев.
Филипче ја водеше партијата на локалните избори во октомври и ноември 2025 – година и пол по парламентарните.
На овие избори кандидатите на социјалдемократите победија во само шест општини, додека на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во 55, вклучително и Градот Скопје. ВРЕДИ доби девет градоначалници, додека опозициската коалиција Национална алијанса за интеграција (НАИ) предводена од ДУИ четири, а Движење ЗНАМ и Унијата на Ромите, добија по еден градоначалник.


