Обединетите Арапски Емирати во вторникот соопштија дека ја напуштаат Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК), нанесувајќи удар врз групата производители на нафта. Во меѓувреме, невидената енергетска криза предизвикана од војната со Иран ги открива несогласувањата меѓу земјите од Заливот.
Излегувањето на ОАЕ – еден од најголемите производители во групата ја ослабува контролата на ОПЕК врз глобалните резерви на нафта и го продлабочува јазот меѓу ОАЕ и нивниот сосед Саудиска Арабија, пишува новинската агенција Ројтерс.
Тоа, исто така, би можело да им овозможи на Обединетите Арапски Емирати да го зголемат производството откако ќе продолжи извозот преку Заливот, бидејќи повеќе нема да бидат ограничени од квотите на ОПЕК.
Во своите први јавни изјави по објавата, министерот за енергетика на ОАЕ, Сухаил Мохамед ал-Мазруеи, во телефонско интервју за Ројтерс истакна дека одлуката е донесена по разгледување на енергетските стратегии на земјата.
Тој рече дека ОАЕ не го разгледувале ова прашање со ниту една друга земја.
Државната новинска агенција ВАМ објави дека ОАЕ ќе се повлечат од ОПЕК од 1-ви мај. Објавата доаѓа еден ден пред закажаниот состанок на ОПЕК во Виена.
„Оваа одлука ја одразува долгорочната стратешка и економска визија на ОАЕ и еволуирачкиот енергетски профил, вклучувајќи ги забрзаните инвестиции во домашното производство на енергија, и ја засилува нејзината посветеност на одговорна, доверлива и напредна улога на глобалните енергетски пазари“, наведоа Обединетите Арапски Емирати во соопштението пренесено од ВАМ.


