Проф. д-р Биљана Ангелова е реизбрана за ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје.
Наставно-научниот кадар на секоја од единиците во состав на УКИМ денеска (28 април) од 12 до 14 часот со тајно гласање избираше меѓу двајцата кандидати за нов ректор – Биљана Ангелова и Дарко Данев.
– Според доставените резултати од страна на изборните комисии (ИК), од спроведеното непосредно и тајно гласање на единиците во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, за ректор на е во мандатниот период од 16 септември 2026 година до 15 септември 2029 година е избран/а: проф. д-р Биљана Ангелова, редовен професор на Економскиот институт во Скопје, се наведува меѓу другото во Одлуката на Комисијата.
Мандатот на ректорот трае 3 години, почнувајќи од 16 септември 2026 заклучно со 15 септември 2029 година.
– Правата и обврските на ректорот се утврдени со Законот за високото образование, со Статутот и со другите акти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Оваа Одлука влегува во сила со денот на донесувањето, се додава во Одлуката.
Против оваа Одлука и Записникот, незадоволните кандидати може да поднесат приговор согласно член 182 од Статутот на УКИМ до Универзитетската изборна комисија во електронска форма заклучно со 4.5.2026 година.
Ангелова, како што се наведува во Записникот освоила 2924,125 поени, а д-р Дарко Данев, редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје, освоил 2675,875 поени.
Се гласаше на 23 факултети и на пет института во состав на УКИМ.
Гласањето започнало и завршило во предвиденото време, а според доставените записници и извештаи на Изборните комисии на единиците, не се констатирани неправилности и проблеми.
Според Избирачките списоци на единиците, запишани се вкупно 1.434 гласачи, се наведува во Записникот.
На денот на гласањето, за избор на ректор гласале 1.286 члена на Наставно-научните/Научните/Наставно-научните и уметнички совети. По извршеното гласање 148 гласачки ливчиња се неискористени и 59 се неважечки.
На веб-страницата на УКИМ минатиот вторник беа објавени програмите за работа на двајцата кандидати за ректор и нивните биографски и библиографски податоци.


