Виртуелна прошетка низ луксузот во министерствата на Орбан: Од собата за пури до футуристичките тоалети

Објавено:

Новоизбраниот унгарски премиер Петер Маѓар последните два дена направи своевидна виртуелна тура низ просториите во зградите на дел од министерствата кои ги изгради неговиот претходник Виктор Орбан и на јавноста ѝ покажа дел од луксузот „во кој уживале“ министрите на Фидес и соработниците на Орбан.

„Луксуз, фотелји вредни милиони, соба за пушење пури, видиковец, артефакти… Вака изгледа внатрешноста на зградата на министерството која Антал Роган ја чуваше во тајност. Инвестицијата од 100 милијарди беше направена со вашите пари за време на економската криза и европскиот рекорден банкрот“, напиша новиот унгарски лидер на Фејсбук и на Јутјуб, каде го објави и видеото од „лукзузот“.

Првото видео беше од зградата на новоформираното министерство кое служеше како централна канцеларија за комуникација и координација на владините политики, каде министер беше Антал Роган.

Заедно со него и со луѓето од неговиот Кабинет, во новоизградените министерства беа и бројни новинарски екипи.

Во своето видео, Маѓар, како водич, детално објаснува за секоја просторија засебно.

„Добро е што Антал Роган е ‘селско дете и затоа не можел да закова (клинец)’. А што ако знаел?“, додава Маѓар во објавата на социјалните мрежи, заедно со видеото кое стана вирално.

На крајот на објавата додава дека следува уште пошoкантно видео.

Само ден подоцна, Маѓар со камера прошета низ луксузните простории во министерството за внатрешни работи каде шефуваше Шандор Пинтер, како што вели новоизбраниот премиер, „вреден 100 милијарди“.

„Станува збор за зградата на министерот, под чија власт нашите болници, институциите за заштита на деца и нашите понижени наставници страдаа. Сите ја знаат трагичната состојба на нашите болници, како и на социјалните и детските институции, а сега погледнете во какви услови своите денови ги минуваат политичарите кои одлучуваат за нив…“, напиша Маѓар на Фејсбук и на Јутјуб, каде го објави видеото.

На објавите на овие две видеа им претходеше мини-фотогалерија, објавена исто така од Маѓар, од „велелепните канцеларии и простории за релаксација“ на министерот за внатрешни работи, Роган.