Поранешниот шеф на кабинетот на Зеленски осомничен за перење пари

Објавено:

Андриј Јермак, поранешен шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, е осомничен како дел од голема истрага за перење пари од страна на Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО).

„НАБУ и САПО открија организирана група вклучена во легализацијата на 460 милиони гривни (11 милиони долари) во луксузен комплекс во близина на Киев“, соопштија институциите во објава на социјалните мрежи.

„Еден од учесниците, поранешниот шеф на Кабинетот на претседателот на Украина, беше информиран за сомневањето“, пишува во соопштението, во кое Јермак не е напишан по име.

Јерман поднесе оставка од функцијата во ноември 2025 година откако властите извршија рација во неговата канцеларија. Јермак им рече на новинарите во Киев дека нема да коментира додека полициската истрага не биде целосно завршена.

Новинар од „Шемс“, истражувачкиот оддел на украинскиот сервис на Радио Слободна Европа, објави дека обвинителката на САПО, Валентина Хребењук, била видена како влегува во автомобилот на Андриј Јермак на 11 мај.

Хребењук остана таму околу 10 минути, објави новинарот на „Шемс“.

Јермак се сметаше за еден од најмоќните функционери во Украина, но неговата позиција стана предмет на многу шпекулации на есен 2025 година откако Украина беше погодена од корупциски скандал, кога беше откриено дека средствата наменети за ранливата енергетска инфраструктура на земјата биле пренасочени.

Зеленски не е директно вклучен во истрагата, но сепак таа ја погоди неговата администрација бидејќи неколку влијателни личности поврзани со него се вмешани во аферата.

Немаше непосреден коментар од претседателот на Украина или од неговиот кабинет.

Во средиште на скандалот е прашањето за одбрана на енергетскиот сектор на Украина, кој беше нападнат од Русија за време на невообичаено студената зима, бидејќи милиони Украинци се соочуваа со прекини на електричната енергија и на греењето.

Скандалот со корупција дополнително ја зголеми недовербата во владата на Зеленски.

Истрагата, наречена „Операција Мида“, се фокусираше на Тимур Миндич, ко-сопственик на комедиската трупа „Квартал 95“, во која Зеленски беше ко-сопственик пред да стане претседател. Бизнисот беше важно средство преку кое Зеленски стекна популарност како комичар и актер пред да влезе во политиката.

Миндич наводно избегал од земјата откако бил именуван како осомничен. Неговото место на живеење е непознато.

И поранешниот министер за енергетика на Укриана, Херман Халушченко беше обвинет во февруари за перење пари. Халушченко, кој подоцна беше министер за правда, беше приведен од граничната полиција на 15 февруари додека се обидуваше да ја напушти земјата со воз.

Халушченко беше принуден да поднесе оставка од функцијата министер за правда во ноември 2025 година, кога почнаа да се појавуваат детали за скандалот.

Зеленски се обиде да го поправи угледот на Украина за вкоренета корупција во јавниот сектор, проблем што влијаеше врз западната воена и економска помош за Киев за време на целосната инвазија на Русија, која влезе во петтата година.