Пет дена гори радовишката депонија

Објавено:

Петти ден како гори депонијата во Радовиш. Надлежните институции велат дека преземаат мерки за ставање на пожарот под контрола и спречување на неговото ширење. Радовишкиот градоначалник Љупче Почивалец на социјалните мрежи апелира до граѓаните да избегнуваат непотребен престој на отворено и да ги ограничат движењата, особено во периодите кога чадот од депонијата е најинтензивен.

„Во последните два дена на депонијата има само чад, нема оган. Општина Радовиш и надлежните служби активно работат на локализирање и гаснење на пожарот“, напиша тој во својата објава.

Од општината апелираат граѓаните да престојуваат во затворени простории, да избегнуваат контакт со отпад или предмети од погоденото подрачје и да користат заштитни маски од типот FFP2, FFP3 или N95.

Во препораките се наведува и да се избегнуваат спортски и рекреативни активности на отворено, како и престој на деца во дворовите на училиштата и градинките. Посебна заштита се препорачува за ранливите категории граѓани, меѓу кои децата, постарите лица, бремените жени и лицата со хронични заболувања.

Од Центарот за јавно здравје Штип посочуваат дека доколку кај граѓаните се појават симптоми како отежнато дишење, кашлица, печење во очите или вртоглавица, веднаш треба да побараат медицинска помош.

Во изминатава годинава имаше повеќе пријавени пожари на депонии низ државата, особено во летниот и пролетниот период. Но, ниту Центарот за управување со кризи ниту Министерството за животна средина досега немаат објавено централизирана евиденција само за депониски пожари.

Според последниот Национален план за управување со отпад, во Македонија постојат над 2.000 нелегални депонии. Овие депонии функционираат без дозволи и без стандарди и се сериозна закана за животната средина и здравјето на граѓаните.