Сомнежи за шпионажа во кабинетот на претседателката, Обвинителството со месеци чека податоци од МВР, за Мицкоски сомнежите ги шират „глодари од кабинети“

Објавено:

Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) со месеци чека одговори од Министерството за внатрешни работи(МВР) поради сомнежи за оддавање службени тајни и можни шпионски активности во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.

„Индиции за недозволени активности од висок државен интерес“ се однесуваат на настан од 24 ноември 2025 година. Предметот бил оформен на 18 декември истата година, по известување од Секторот за компјутерски криминал при МВР.

Иако уште во декември минатата година била отворена предистражна постапка и биле преземени повеќе истражни дејствија, надлежната обвинителка Катерина Коларевиќ уште нема добиено конечни резултати од анализите на одземената компјутерска и телефонска опрема, ниту пак видео снимки од безбедносните камери во и околу кабинетот на претседателката.

Коларевиќ деновиве е мета на напади од владејачката ВМРО-ДПМНЕ поради случајот „Мазут“ во кој осомничени беа бизнисменот Асмир Јахоски, познат во јавноста по неговата нафтена компанија „Пуцко Петрол“, како и сопствениците на фирмата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски.

„На 30.12.2025 година, до МВР – Сектор за компјутерски криминал, како надлежен орган за откривање кривични дела и обезбедување докази, беше доставена наредба за анализа на екстрахираниот доказен материјал. На почетокот на 2026 година, по добиено известување дека Кабинетот на Претседателката не располага со копии од видео надзорот, бидејќи опремата е набавена преку СОЗР, а надлежноста за ракување и чување на записите е кај МВР, предметниот јавен обвинител се обрати и до СОЗР и до МВР за нивно итно обезбедување. Од СОЗР беше добиено известување дека институцијата не располага со видео записи, туку дека нивната надлежност се однесува исклучиво на набавка на опремата, додека чувањето и располагањето со копиите од записите е во надлежност на МВР. И покрај тоа, од страна на МВР до денес не се доставени повратни информации, ниту известување за преземени дејствија во врска со обезбедувањето на копиите од видео надзорот“, соопшти Обвинителството.

На 16.03.2026 година, МВР доставило известување за дел од преземените активности кои се однесуваат на обезбедување пристап до криптираните податоци од дотогаш екстрахираната компјутерска опрема и два мобилни телефони одземени од пријавениот.

Една недела подоцна, јавниот обвинител до МВР – Сектор за компјутерски криминал доставил наредба за анализа на податоците од мобилните телефони, како и заедничка анализа на податоците екстрахирани од компјутерската опрема.

До денес, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, ОЈО ГОКК нема добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази, велат од Обвинителството.

Од МВР пак велат дека одземени биле компјутерска опрема и мобилни телефони. Вработени во Кабинетот на претседателката биле викнати на разговор, а доказите се анализирале.

„Во тек е анализа на сите електронски докази кои се екстрахирани од одземената опрема. Извршен е службен разговор со лица вработени во Кабинетот на претседателот и за истите доставено е известување до ОЈО ГОКК. По целосно расчистување на случајот јавноста ќе биде соодветно известена“, велат од МВР.

За премиерот Христијан Мицкоски, сомнежите за наводна шпионска афера во Кабинетот на Сиљановска – Давкова потекнуваат од „шпионски талог на општеството“ структури кои во минатото се наоѓале во кабинетите на поранешните политичари, а Обвинителството на чело со обвинителот Ислам Абази создавал паника во јавноста дека нешто се случувало.

„Тоа е шпионски талог на општеството, структури од минатото кои се наоѓале во кабинетите како глодари на некои поранешни политичари, претседатели, премиери итн. и тие се претставуваат како група вработени и испраќаат анонимни дописи до обвинителства. Се разбира, таму е Ислам Абази веднаш да истрча и да создаде паника во јавноста дека нешто се случувало. Јас не би ги коментирал овие глодари затоа што мислам дека треба да ги заборавиме“, рече ицкоски на новинарско прашање за наводниот шпионски скандал во Вила Водно.