Новиот претседател на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, најави нова анализа на системот на блок-тарифи со која ќе се утврди дали може граѓаните да добијат пониска цена на електричната енергија. Тој во телевизиско гостување на ТВ 24 посочи дека има потреба да се менува актуелниот систем на блок-тарифи кој е воведен за време на енергетската криза во 2021 и 2022 година.
Причината за тоа е што состојбите во енергетскиот сектор оттогаш до сега, како што вели, значително се промениле. Идејата, како што објасни, е да се искористи зголеменото производство на електрична енергија од фотоволтаични централи и таа да се вклучи во системот, со цел потрошувачите да имаат поголем бенефит.
„Едно време беше филозофијата дека навечер треба да биде евтина тарифата и тогаш граѓаните да ја користат. Но, сега се сменети работите на пазарот и сега, ако ги погледнете берзите, најскапата енергија е навечер. Имаме хиперпродукција на фотоволтаична енергија, која производителите нема каде да ја пласираат“, вели Ристов.
Според неговото објаснување, идејата на регулаторите е да се менаџира енергијата добиена од фотоволтаиците добиена во текот на денот.
„Наместо да биде 0 цената на берзата, да пробаме да изменаџираме, државата да го намали производството од јаглен преку ЕСМ, да ја откупи енергијата од производителите на фотоволтаици преку ден. И зошто да немаме евтина тарифа пет часа во текот на денот. Не ноќта, туку денски. Бидејќи таа тогаш е евтина на пазарот“, додава тој.
Евтината дневна тарифа за електричната енергија во периодот од 13 до 15 часот, се врати во домаќинствата во декември 2023 година. Тогашниот претседател на РКЕ Марко Бислимовски изјави дека евтината тарифа е воведена поради сигналот на цената на електрична енергија на сите берзи во Европа.
Претходно граѓаните користеа само ноќна евтина струја од 22 до 06 часот наутро, како и во недела цел ден. Дневната евтина тарифа беше укината од декември 2021 година.


