Министерски состанок на „Берлинскиот процес“ за Западен Балкан

Објавено:

Денеска во Подгорица се одржува состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан во рамките на „Берлинскиот процес“, што се спроведува од 2014 година.

Освен шефовите на дипломатии на земјите од регионот, на настанот учествуваат и еврокомесарката за проширување, Марта Кос и германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул.

Шефот на германската дипломатија порача дека иднината на Западниот Балкан е во Европската Унија.

„Берлинскиот процес е сведоштво дека се оди кон тоа земјите од Западниот Балкан да можат да станат членки на Европската Унија“, изјави Вадефул.

Учесниците во процесот работат на унапредување на регионалната соработка меѓу шесте земји опфатени со оваа иницијатива.

Кандидатки за членство во ЕУ од Западен Балкан се Црна Гора, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Косово е потенцијален кандидат за членство. Сите шест земји имаат аспирации за членство во ЕУ, но се наоѓаат во различни фази од процесот.

Според најновата анализа на Европската комисија, Црна Гора е најнапредната во процесот на пристапување во ЕУ.

Неодамна беше оценето дека земјата би можела да ги заврши пристапните преговори до крајот на 2026 година, доколку го продолжи досегашното темпо на реформи.