Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, во рамките на турнејата низ земјите од Западен Балкан, денеска ќе престојува во Косово и во Црна Гора.
Во Приштина таа ќе се сретне со вршителката на должноста претседателка на Косово, Албулена Хаџиу и со премиерот Албин Курти.
Потоа, во Подгорица ќе разговара со претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ и со премиерот Милојко Спајиќ.
Вчера фон дер Лајен престојуваше во Тирана, каде што на заедничка прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Албанија напорно работела за да ги постигне европските стандарди.
Фон дер Лајен нагласи дека патот до членство бара континуирано спроведување на фундаментални реформи во сите отворени поглавја, вклучително и заштитата на животната средина и природните ресурси на земјата. Според неа, постигнувањето трајни промени бара соработка што оди подалеку од традиционалните политички граници.
„Ова бара вистинско ангажирање низ политичките поделби и дијалог со општеството за да се решат сите негови загрижености“, рече таа.
Утре претседателката на ЕК доаѓа во Скопје, каде што ќе има разговори со македонските власти за европската интеграција и следните чекори на земјата кон ЕУ.
Главни теми на турнејата се напредокот кон членство во ЕУ и постепената интеграција на Западен Балкан, со поддршка преку Планот за раст од 6 милијарди евра.


