Две години не се доволни за да се исполнат сите цели. Пред нас има уште многу работа, многу реформи што треба да се продлабочат и уште многу очекувања на граѓаните што треба да се исполнат, порача денеска претседателот на Собранието Африм Гаши, кој во Собранието го презентираше извештајот за неговата двегодишна работа.
„Живееме во време кога демократиите ширум светот се соочуваат со нови предизвици. Институционалната доверба секојдневно се тестира, а граѓаните бараат поголема одговорност, поголема транспарентност и повеќе достоинство во претставувањето. Токму во овој контекст, раководењето со Собранието бараше трпение, дијалог, визија и одговорност. Поради тоа, во текот на овие две години се обидував секој ангажман да биде, пред сè, во функција на зајакнување на улогата на Собранието како централен институт на нашата демократија“, рече во своето обраќање, собранискиот спикер.
Гаши меѓудругото посочи дека во овој период Собранието било поактивно од кога било претходно на меѓународен план, преку парламентарната дипломатија, официјалните посети, средбите на високо ниво и учеството на најзначајните меѓупарламентарни форуми.
„Пленарните седници, дебатите, парламентарниот надзор, пратеничките прашања и интерпелациите не се само процедури. Тие се конкретен израз на демократијата и отчетноста. Преку редовната координација со пратеничките групи и Претседателството на Собранието, успеавме да создадеме поорганизиран и пофункционален ритам на парламентарниот живот“, рече Гаши.
Нагласи дека ниту еден институционален успех нема вредност без довербата на граѓаните. Но, токму за тоа, неодамнешната анкета на Институтот за демократија Социетас цивилис покажа дека граѓаните покажуваат умерен раст на довербата кон законодавниот дом, или оценка од 4,8 на скала од 1 до 10. Средна оценка од 2,7 доби Собранието за тоа колку граѓаните се задоволни од неговата работа.
Како што се наведува во извештајот во однос на пленарните седници, во периодот мај 2024 година – мај 2026 година биле одржани вкупно 196 седници, односно 50 пленарни седници во 2024 година, 101 во 2025 година и 44 пленарна седници од јануари до мај 2026 година. Темпото на парламентарната работа се оценува како релативно стабилно. Споредено со периодот 2020 – 2024 година биле одржани 618 седници, но во оваа насока, помалиот број на седници може да се протолкува, се вели во извештајот, како резултат на консолидацијата на собраниската агенда и избегнувањето на долги или прекинати седници без конкретен епилог.
Во овој период, механизмот за поставување пратенички прашања, се додава во документот, бил особено активен, што како што посочуваат, одразува појасна ориентација на Собранието кон зајакнување на надзорната функција над извршната власт.
Кај пратеничките прашања се забележува значително зголемување: од само 12 прашања во 2024 година, на 99 во текот на 2025 година и до 196 прашања само во периодот јануари – мај 2026 година. Анализираниот период се одржале 29 седници посветени на пратенички прашања, од кои 16 редовни, кои се одржуваа секој последен четврток во месецот.
„Во меѓувреме, покрај нив, посебен елемент во овој период е воспоставувањето на нов механизам за надзор – пратенички прашања од опозицијата. Овој механизам, кој во исто време ја институционализира улогата на позицијата, почна да се спроведува за првпат во 2025 година. Досега се одржани 13 седници посветени на прашањата од опозицијата“, пишува во документот.
Иавештајот покажува дека во новиот парламентарен состав во текот на 2024 година има значително зголемување со шест интерпелации, додека во 2025 година достигнуваат осум, што претставува највисоко ниво во целиот период, во споредба со претходниот мандат на парламентарниот состав, каде што интерпелациите беа ограничени (само 5 интерпелации во текот на целиот мандат).
Инаку на денешната седница не присуствуваа претставници на опозицијата, а на прашањето зошто, Гаши посочи дека сите координатори на пратенички групи биле на координација кај него и оти тој ги поканил сите да присустуваат на настанот на кој даде отчет за двегодишното работење.


