Движењето „Самоопределување“ на косовскиот премиер Албин Курти доби најмногу гласови на вонредните парламентарни избори во Косово, според излезните анкети по затворањето на гласачките места.
„Самоопределување“ освои 43, 63 отсто од гласовите на 81 отсто преброени гласови. Демократска партија на Косово освои 21,6 отсто, а Демократскиот сојуз на Косово доби 17,3 отсто гласови. Овие резултати се без гласовите од дијаспората, која гласаше во амбасадите и конзулатите, како и без гласовите пристигнати по пошта.
Според овие резултати, на „Самоопределување“ ќе му требаат коалициски партнери за да може да формира влада и за да обезбеди двотретинско мнозинство, кое е потребно за избор на нов претседател.
Косовска полиција објави дека изборниот процес во земјата поминал мирно и без сериозни инциденти, благодарение на спроведувањето на оперативниот план и меѓуинституционалната соработка.
Според полицијата, во текот на денот на изборите, околу 6.300 полицајци и стотици патроли биле распоредени за да се гарантира безбедноста и непреченото одвивање на процесот.
Новите предвремени избори кои се трети во последните 16 месеци, беа распишани откако косовскиот парламент не успеа да избере нов претседател во уставниот рок по завршувањето на мандатот на претседателката Вјоса Османи.
На изборите учествуваат 21 политички субјект, со 902 кандидати за пратеници, од кои три коалиции, 17 политички партии и еден независен кандидат.
Партијата на Курти освои 51,1 отсто од гласовите на последните избори во декември, што е зголемување во однос на 42 отсто освоени во февруари 2025 година. Но, таа не успеа да постигне договор со другите партии околу кандидат за претседателската функција, која претежно има церемонијален карактер. Поради тоа, парламентот беше распуштен во април, а беа распишани нови вонредни избори.
Европската Унија ги повика политичарите во Косово, кое прогласи независност од Србија во 2008 година, да изградат силни институции што ќе можат да ги спроведат реформите неопходни за приклучување кон Унијата


