Нови вонредни избори во Косово додека политичката криза продолжува

Објавено:

Во Косово денеска се одржуваат парламентарни избори, откако парламентарните партии не се договорија за избор на нов претседател на државата, кој го избираат пратениците во парламентот.

Новите предвремени избори кои се трети во последните 16 месеци, беа распишани откако косовскиот парламент не успеа да избере нов претседател во уставниот рок по завршувањето на мандатот на претседателката, Вјоса Османи.

Право на глас имаат 2.092.174 гласачи.

На изборите учествуваат 21 политички субјект, со 902 кандидати за пратеници, од кои три коалиции, 17 политички партии и еден независен кандидат.

На изборите учествуваат 21 политички субјект, со 902 кандидати за пратеници, од кои три коалиции, 17 политички партии и еден независен кандидат.

Изборите ќе се одржат во 949 избирачки центри, со вкупно 2.550 избирачки места, од кои 911 центри со 2.498 избирачки места за редовно гласање и 38 центри, по едно за секоја општина, со 52 избирачки места за условно гласање – објави Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово.

Во меѓувреме, изборниот процес во странство, покрај гласањето по пошта, вчера беше физички спроведен во 30 дипломатски мисии, од кои 17 амбасади и 13 конзулати, во 19 земји со вкупно 47 избирачки места.

Бројот на граѓани на Косово со право на глас во овој изборен процес е за 15.884 гласачи повеќе отколку на предвремените избори за Собранието на Косово, кои се одржаа на 28 декември 2025 година.

Аналитичарите предвидуваат уште една победа на партијата Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти – пишува новинската агенција Ројтерс. Сепак, според нив, тој повторно ќе мора да постигне компромис со опозициските партии за да обезбеди двотретинско мнозинство, кое е потребно за избор на нов претседател.

Партијата на Курти освои 51,1 отсто од гласовите на последните избори во декември, што е зголемување во однос на 42 отсто освоени во февруари 2025 година. Но, таа не успеа да постигне договор со другите партии околу кандидат за претседателската функција, која претежно има церемонијален карактер. Поради тоа, парламентот беше распуштен во април, а беа распишани нови вонредни избори.

Европската Унија ги повика политичарите во Косово, кое прогласи независност од Србија во 2008 година, да изградат силни институции што ќе можат да ги спроведат реформите неопходни за приклучување кон Унијата – пишува Ројтерс.