Откако ја прогласи победата на парламентарните избори и најави формирање еднопартиска влада, ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, изјави дека „олигархискиот систем мора целосно да биде искоренет од Ерменија“.
На првата прес-конференција по изборите, Пашинјан рече дека неговата партија „Граѓански договор“ обезбедила доволно поддршка за самостојно формирање влада.
„Ова е историска победа што дефинитивно ќе обезбеди трајност и развој на Ерменија и, секако, ќе имаме траен и институционален мир“, изјави Пашинјан, оценувајќи дека резултатот претставува „доверба од граѓаните“ и оти тоа значи одговорност за „државата, слободата, иднината и мирот“.
Премиерот се осврна и на опозицијата, обвинувајќи дека некои политички сили се дел од „криминалниот олигархиски систем“ и дека треба да бидат предмет на кривична одговорност за случаи утврдени со законските процедури.
„Тоа не се политички сили, туку претставници на криминалниот олигархиски систем. Тие не треба да дејствуваат во Ерменија“, рече Пашинјан, додавајќи дека против нив треба да се постапува согласно законот.
Тој ги отфрли обвинувањата за изборни притисоци, нагласувајќи дека институциите реагирале на пријави за купување гласови и други можни нерегуларности.
Во однос на надворешната политика, Пашинјан истакна дека Ерменија ќе продолжи со политиката на приближување кон Западот, но и со учество во Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), како и со развивање односи со Русија и другите членки на организацијата.
Анкетите пред гласањето покажаа дека „Граѓански договор“ на Пашинјан има поддршка од 24-32 проценти, додека „Силна Ерменија“ имаше 9-11 проценти, а многу потенцијални гласачи беа наведени како „неопределени“.
Првичните проценки ѝ даваат на партијата на Пашинјан 61-63 места во Националното собрание со 105 члена, што е јасно мнозинство ако бројката остане иста по добивањето на конечните официјални резултати.
Но, сепак тој нема да има 70 места за непречено спроведување на уставните измени за кои вели дека се неопходни за постигнување мир со соседниот Азербејџан, како и за други мерки.
Излезноста на Ерменците на изборите била 59 проценти и таа се оценува како тест за поддршката кон премиерот по контроверзниот мировен договор со Баку и неговите напори да ја приближи малата јужнокавкаска нација кон Западот по децении зависност од Русија.


