Кремљ го повика својот амбасадор во Ерменија, Сергеј Копиркин, на консултации во Москва, во момент кога односите меѓу двете земји влегуваат во нова фаза на отворена политичка напнатост.
Причината е сè поинтензивното приближување на ерменското раководство кон Европската унија, бидејќи, како што оценува руското Министерство за надворешни работи, „таквите чекори ја поткопуваат соработката во Евроазиската економска унија, блок предводен од Москва“, јавуваат светските новински агенции.
„Рускиот амбасадор во Република Ерменија, С. Копиркин, е повикан во Москва на консултации во врска со чекорите што ги презема ерменското раководство кон поблиски врски со Европската Унија, кои ја поткопуваат соработката во рамките на Евроазиската економска унија“, се вели во официјалното соопштение на министерството, осврнувајќи се на регионалната царинска унија предводена од Москва.
Европскиот пат има цена
Овој потег на официјална Москва доаѓа по самитот во Астана, каде рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека Ерменија ќе мора да избере меѓу европската интеграција и останувањето во евроазискиот економски простор.
Повикувањето на амбасадор на консултации е еден дипломатски начин да се демонстрира незадоволство. Овој чекор симболично ги деградира односите меѓу двете земји – додека амбасадорот е во странство, интересите на земјата ги претставува вршител на должноста со ограничени овластувања, објавија новинските агенции, повикувајќи се и на локалните ерменски медиуми.
Путин ова го спореди со ситуацијата со Украина, тврдејќи дека обидите за приближување кон Европската унија таму довеле до длабока криза и конфликт. Со тоа Москва практично ја испраќа истата порака – дека европскиот пат има цена – што со години ја испраќаше до земјите од своето поранешно подрачје на влијание, пишува АП.
Кон ЕУ или кон Русија?
Ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, ги отфрли ваквите предупредувања, оценувајќи дека потенцијалните придобивки од европската интеграција на долг рок се значително поголеми од можните економски загуби поврзани со руските енергетски мерки.
Односите меѓу Ерменија и Русија силно се влошија по настаните во Нагорно-Карабах во 2023 година, кога Азербејџан повторно воспостави контрола врз регионот. Ереван тогаш ја обвини Москва дека не ја исполнила својата безбедносна улога и не ја спречила азербејџанската офанзива.
Во последниве години, Ерменија почна да се приближува кон Европската унија. Две недели пред изборите на 7 јуни, Доналд Трамп, исто така, го поддржа ерменскиот премиер Никол Пашинјан. Русија го обвинува Пашинјан дека следи прозападен курс и бара Самвел Карапетијан, бизнисмен тесно поврзан со Русија и моментално под истрага во Ерменија, да му биде дозволено да се кандидира на парламентарните избори, пишува АФП.


