Велика Британија ги заострува интернет правилата за деца под 16 години

Објавено:

Британскиот премиер Кир Стармер планира да објави забрана за „штетни“ онлајн платформи за деца под 16 години, но истовремено ќе се задржи пристапот до некои побезбедни форми на социјални медиуми, објави весникот „Тајмс“ вo понеделник, 8 јуни.

Стармер, како што пишува весникот, одлучил да продолжи со ограничувањата откако разговарал со разочараните родители и ги разгледал доказите од Австралија, која воведе забрана за лица под 16 години минатиот декември.

Запрашан за извештајот, извор од Даунинг стрит изјави дека „премиерот не се плаши да се соочи со технолошките компании и нивните шефови за да ги заштити младите луѓе“.

Извор близок до ова прашање вели дека формална забрана веројатно нема да дојде оваа недела.

Владата би можела побрзо да даде детали за напорите за спречување на децата да создаваат сексуализирани слики онлајн кои потоа можат да се користат за штетни цели.

Загриженоста за влијанието на социјалните медиуми врз менталното здравје и безбедноста на интернет ја поттикна Велика Британија да одржи консултации за пристапот на децата до социјалните медиуми претходно оваа година, со полициски час, временски ограничувања и ограничувања на дизајнерски карактеристики што предизвикуваат зависност, сите во фаза на разгледување.

Франција, Данска и Полска, исто така, размислуваат за заострување на правилата за користење на социјалните медиуми од страна на децата, додека Грција во април објави дека ќе го забрани пристапот за лицата под 15 години од јануари 2027 година.

Се очекува Стармер да се фокусира на тоа како владата може да обезбеди технологијата да донесе позитивни промени, соопштија од неговата Канцеларија, пренесува Ројтерс.

Британскиот закон за безбедност на интернет веќе бара од компаниите за социјални медиуми да преземат мерки за заштита на децата од нелегална и штетна содржина на интернет.

Експертите се поделени околу тоа колку би била ефикасна целосната забрана, додека група млади луѓе во Лондон неодамна за Ројтерс изјавија дека се противат на ограничувањата.