Најново истражување: Двојно зголемен бројот на интернет сајтови кои продаваат педофилски материјали

Објавено:

Двојно е зголемен бројот на комерцијални веб-страници што продаваат материјали со сексуална злоупотреба на деца во однос на лани, покажува најновиот извештај на Организацијата за мониторинг на интернетот „Internet Watch Foundation“ (IWF).

Според извештајот, во 2025 година биле идентификувани 15.031 таква страница, споредено со 7.028 лани, а биле евидентирани и 317.101 фотографии од категоријата сексуална злоупотреба на деца. Оваа евиденција ќе им овозможи на технолошките компании да блокираат нивно понатамошно споделување. Околу 16 проценти од посочените интернет-страници или 2.458, биле маскирани да изгледаат како легитимни или неактивни сајтови, но содржеле скриени начини за пристап до материјалите.

„На секој чекор треба да го нарушиме тој систем. Тоа е индустрија“, изјави извршната директорка на Организацијата, Кери Смит, повикувајќи на воведување задолжителни мерки за финансискиот сектор за откривање и блокирање на дигитални плаќања поврзани со спорни содржини. Таа повика ги повика компаниите што користат целосна енкрипција да применат безбедносни алатки за спречување злоупотреба на нивните платформи.

Според неа, ваквиот криминал ги користи системските слабости и профитира од експлоатацијата на деца.

Според извештајот, удвоен е и бројот деца кои пријавиле дека се жртви на т.н. „секстрорзија“ или уцена со компромитирачки фотографии.. IWF регистрирала 397 вакви случаи во 2025 наспроти 175-те во 2024 година.

Извршниот директор на британското Национално здружение за спречување суровост кон децата (NSPCC), Крис Шервуд, на презентацијата на извештајот оцени дека растот на такви страници открива сериозен проблем, остварување профит од детско страдање, пренесоа агенциите.

Тој предупреди дека жртвите често остануваат незаштитени и се соочуваат со дополнителна траума поради ширењето на материјалите на Интернет. Шервуд повика регулаторот „Ofcom“ да ги искористи своите овластувања за откривање и спречување на сторителите, додека технолошките компании треба постојано да користат технологии за заштита на децата.

„Новите закони ќе значат дека секој што управува или модерира такви веб-страници ќе се соочи со строги затворски казни“, изјави британската министерка задолжена за заштита и спречување насилство врз жени и девојки, Џес Филипс, додавајќи дека Владата ќе преземе најобемна акција досега против злоупотребата на деца, и онлајн и офлајн.

Таа нагласи дека податоците се шокантни и најави ригорозни мерки.