Најмалку 30 лица загинале во силен земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтер во јужните Филипини, а спасувачките операции се во тек откако се урнаа неколку згради.
Епицентарот на земјотресот бил југозападно од Масим во покраината Сарангани на јужниот остров Минданао, објави Институтот за вулканологија и сеизмологија (Phivolcs). Земјотресот бил силно почувствуван и во градот Генерал Сантос, кој има околу 70.000 жители.
Според досегашните извештаи на цивилната заштита, повеќе од 130 лица биле повредени во јужни Филипини.
Предупредувања за цунами биле издадени во делови од земјата, но потоа повлечени по неколку часа.
„Три лица загинаа во покраината Сарангани и две во покраината Јужен Котабато“, изјави Родриго Сосмеа, раководител на регионалната Канцеларија за цивилна одбрана.
Националната агенција за катастрофи соопшти дека уште три лица загинале во покраината Давао Оксидентал.
„Штетата и бројот на жртвите сè уште се проценуваат. Спасувачките операции се во тек. Има извештаи за луѓе заробени во зграда, во училиште, но засега не го знаеме точниот број“, изјави Сосмеа.
Земјотресот бил почувствуван и во делови од Индонезија, особено на островот Сулавеси, а Јапонија предупреди делови од својот брег на Пацификот за можни бранови.
Филипинската агенција Фиволкс објави дека регистрирала бранови до 1,4 метри во шест крајбрежни области и продолжува да ја следи ситуацијата и покрај откажувањето на предупредувањето за цунами.
Во источните делови на Индонезија, Агенцијата за метеорологија, климатологија и геофизика (BMKG) регистрирала мали цунами бранови на неколку мерни станици. Нивото на морето во областа малку се искачи, па затоа предупредувањето за цунами е исто така укинато.
Според видеата што кружат на социјалните медиуми, неколку згради се урнале или делумно се урнале во регионот Минданао на Филипините. Наставата во училиштата беше откажана, а работата на владините и приватните канцеларии е прекината.
Земјотресот се случи на првиот ден од учебната година, за време на церемониите за кревање знамиња во училиштата и владините канцеларии, а многу ученици, наставници и персонал веќе биле надвор од зградите.


