Членот на обезбедувањето на Мицкоски заврши во притвор за насилство врз сопругата

Објавено:

Членот на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски заврши во осумдневен притвор откако доби кривична пријава за телесна повреда бидејќи ја нападнал неговата 37-годишна сопруга.

Тој бил изведен пред судија на претходна постапка, кој му одредил мерка притвор.

Случајот денеска, 5 мај, го коментираше и Мицкоски, кој појасни дека станува збор за лице од неговото пошироко обезбедување, дел од т.н. претходница. Исто така, сподели и дека сопругата на полицаецот – жртвата, е ќерка на негов колега од факултет.

Според Мицкоски, тоа што се постапува против член на неговото обезбедување е доказ дека законот важи подеднакво за сите за разлика од порано кога, како што вели, „членови на обезбедување се изживувале по дискотеки и минувале неказнети“.

„Тоа е втор случај за лице од моето обезбедување, каде што законот важи за сите, за разлика од минатото кога членови на обезбедување на претседателот тепаа граѓани, се изживуваа по дискотеки и минуваа неказнети. Во овој случај гледате мал престап и веднаш системот функционира. Тоа е уште еден доказ и така ќе продолжиме и во иднина. Јас не толерирам недисциплина, не само во рамките на моето обезбедување. За волја на вистината, тој е припадник на претходницата, која не ја гледам така често и за волја на вистината сопругата е ќерка на мој колега од факултет“, изјави Мицкоски.

За опозицискиот СДСМ, пак, ова е скандалозен случај и „слика на опкружувањето на Мицкоски и на една криминална влада во која насилството е нормализирано, а институциите немаат капацитет за ништо“. Од партијата бараат и оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

„Обезбедувањето на Мицкоски е под директна надлежност на министерот Панче Тошковски. Полицијата е партизирана со законот за МВР и служи исклучиво за заштита на криминалната група ВМРО и за злоупотреби против опозицијата. Ако полицајците на Тошковски се тепачи и учесници на семејно насилство нема систем што може да се воспостави за превенција ниту пак заштита на жртвите“, изјави Наташа Поповиќ од Извршниот одбор на СДСМ.

Од МВР, преку соопштение посочија дека за членот на обезбедувањето на премиерот, кој како полициски службеник е вработен во Министерството за внатрешни работи, ќе се поднесе предлог за поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе се изречат задолжителни мерки за отстранување од работното место.