Ќе летуваат ли Македонците дома наместо во Грција – се водат билатерални преговори за пречките со ЕЕС

Објавено:

Нема одговор од Грција дали ќе ги изземе Македонците од новиот дигитален систем за контрола на влезот во Шенген зоната (ЕЕС) во пресрет на летната туристичка сезона, како што грчката влада направи за британските туристи и ќе го стопира и за српските туристи во ноќните часови од 1 јуни до 30 август, според најавата од Јелена Вујиќ, генерална конзулка на Србија во Солун.

Многу Македонци традиционално летуваат во Грција. За македонските граѓани кои патуваат без виза во земјите на ЕУ и Шенген зоната, новиот систем значи изменет процес на гранична контрола, особено при првото патување по целосната примена на ЕЕС. При влез во европска земја мора да се регистрираат во системот кој вклучува земање биометриски податоци од патниците, како што се отпечатоци од прсти и фотографирање, наместо печати во пасошите како што беше досега. Процедурата некаде предизвикува повеќечасовно чекање на границите и на аеродромите.

„Објавено е дека Грција успешно го започна целосното функционирање на Системот за влез и излез, со регистрација на државјани од трети земји. Грција ги презема сите потребни мерки за управување со зголемениот патнички сообраќај на граничните премини, во рамките на Регулативата (ЕУ) 2017/2226“ одговорија од Амбасадата на Грција во Македонија на прашањето на Колегиум.мк дали грчката влада планира некакво изземање и за македонските туристи.

Всушност, ова е истото соопштение што на 20 април беше објавено на интернет страницата на грчкото Министерство за внатрешни работи.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера ги повика македонските граѓани летните одмори да ги поминат на туристичките места во земјава ако и понатаму продолжат метежите на граничните премини, денеска кажа дека останува на тој став и покрај тоа што некои кругови се обиделе да го исмејат.

Мицкоски најави дека прашањето ќе се решава билатерално.

„Има политичари што се обидуваат политиката да ја направат естрада во соседството. Јас немам таква намера, сакам да зборувам за работи што ќе се случат. Инаку да, се водат преговори и врз основа на нив ценам дека на билатерално ниво ќе бидат надминати овие пречки, но не само за летниот период. Зборувам генерално, ние бараме генерално решение. Стојам на ставот дека Македонија е преубава земја и има прекрасни езера, планини, села кои може да се посетат за време на летниот одмор“, изјави Мицкоски по присуството на настан за почеток доградба на основното училиште „Гоце Делчев“ во скопската општина Аеродром.

Опозициската СДСМ го критикуваше ваквиот пристап на премиерот.

„Мицкоски однапред сака да им покаже на граѓаните како изгледа потполната изолација што нè очекува и да им објасни зошто не можат слободно да патуваат поради неговата политика на стопирање на интеграциите во ЕУ“, соопшти СДСМ.

Вчера и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кажа дека земјите од регионот заедно со ЕУ и нејзините земји членки интензивно работат на надминување на предизвиците со метежот на граничните премини, кој е поизразен во лето. Муцунски потврди дека се водат дискусии со повеќе земји и во рамките на разни шеми на Европската Унија, кои ги опфаќаат земјите од Западен Балкан, при што се очекува во летниот период да бидат преземени соодветни мерки за намалување на метежот.

Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) неодамна упати барање до грчкото Министерство за туризам привремено да ја одложи примената на ЕЕС на граничните премини за македонските државјани во текот на летната сезона, односно во периодот од 1 јуни до 1 септември, за да се избегнат големи метежи и задржувања на граничните премини.

„Подобро ќе чекам на граница откако да ми пропаднат парите“

Соговорници на Колегиум. мк велат дека летните одмори во Грција им се резервирани и делумно платени уште зимоска, по Нова година, кога цените беа пониски.

„Ќе чекам на граница колку саати и да треба – подобро тоа отколку да ми пропаднат 1.300 евра што веќе ги уплатив за сместување. А и во Македонија цените веќе се колку во Грција, а барем на море ќе бидам“, вели скопјанецот Мартин Георгиевски, кој со семејството ќе летува во Парга.

Искуства со чекање поради новиот систем на контрола имаат и Македонци кои периодов патувале и во други европски земји.

„Моето искуство со новиот систем за влез и излез на ЕУ е поделено. Пред неколку дена се вратив од Шведска и можам да кажам дека процедурата на фотографирање и земање отпечатоци не траеше повеќе од пет минути. Но искуството на граничниот премин Деве Баир беше сосема поинакво. Чекавме два часа, имаше колони од возила пред нас, секој патник се фотографираше и оставаше отпечатоци, а тоа одземаше време и предизвика нервоза кај сите кои сакавме да влеземе во Бугарија“, вели скопјанката Марија Трајановска.

Бошко Петровски, пак, „го пробал“ системот при влез во Италија.

„За време на моето неодамнешно патување во Неапол, имав многу лоши искуства со ЕЕС. Кога слетавме на аеродромот во Неапол, имаше автомати за „селф сервис“, меѓутоа по едночасовни обиди на целата група, заклучивме дека македонскиот пасош не поминува на автоматите. Потоа се упативме на шалтерите, а таму чекавме околу два часа, со ранците на грб. Бидејќи се направи голем метеж, на шалтерите поминавме само со печат, без сликање и отпечатоци. На враќање повторно чекање од околу два часа, но сега на шалтерите имавме и сликање и оставање отпечатоци. Вкупно, околу пет часа чекање поради ЕЕС“, вели Петровски.

Европската комисија одобри „флексибилност“

На 2 мај Европската комисија им одобри на земјите-членки дозвола да применат „вградена флексибилност“ во режимот на биометриска гранична проверка. Ова им овозможува на граничните власти привремено да престанат да земаат отпечатоци од прсти ако редовите станат претерано долги, потпирајќи се на фотографија од патникот.

Редици и чекања од по еден час беа регистрирани на главните аеродроми во Виена, Франкфурт и Париз и како одговор на тоа Португалија, Грција и Италија почнаа неформално да ги олеснуваат проверките за да се справат со напливот туристи.

Системот ЕЕС, кој беше делумно воведен во октомври 2025 година, стана целосно оперативен од 10 април, од кога сите земји – членки на Европската унија треба да го воведат на сите свои гранични премини и да ги регистрираат сите државјани на трети земји што ја преминуваат границата.

Системот е воспоставен за да ги направи базите на членките на ЕУ поповрзани за да се олесни следењето на времето и местото на престој и да се осигура дека патниците не престојуваат повеќе од 90 дена во период од шест месеци.

Слични системи веќе се воведени од САД, Канада и Австралија.