Уште еден пациент заразен со западнонилска треска почина. Тој е седми смртен случај од овој вирус во државата, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство, Сашо Клековски.
„Во врска со состојбата со западнонилска треска, од моето последно известување, имаме еден починат. Тоа е пациент кој најдолго беше хоспитализиран – преку 38 дена во болницата. И имаме еден нов сомнителен случај во овие три дена од последното известување. Значи состојбата на хоспитализација е иста, мислам дека се 19 пациенти, бидејќи имаме само еден нов сомнителен случај“, рече Клековски.
Последниот починат од западнонилска треска бил од скопската општина Гази Баба на возраст од 69 години.
„Во основа значи веќе оваа недела, од последните неколку дена, од викендот наваму, сите нови случаи се од Скопје Север. И веќе е разговарано со соодветните градоначалници да обрнат внимание на активностите таму“, изјави Клековски.
Сите смртни случаи досега машки. Како што објасни Клековски, според најголемата студија за овој вирус, изработена во Америка на над 3.000 случаи, е констатирано дека морбидитетот, односно стапката на заболување со невроинвазивната форма и смртноста е поголема кај мажите.
Западнонилската треска е вирусно заболување кое најчесто се пренесува преку каснување од заразен комарец. Повеќето заразени немаат симптоми, а кај околу 20 отсто се појавуваат температура, главоболка, замор и болки во телото. Кај мал број случаи инфекцијата може да предизвика сериозни невролошки компликации, како енцефалитис или менингитис.


