„Нема простор за опуштање“ – Даниловски за ефикасноста на мерките против западнонилскиот вирус

Објавено:

За македонските граѓани сѐ уште не поминала опасноста од западнонилскиот вирус, а според стручната фела веројатноста да се заразите од овој вирус нема да помине со намалувањето на температурите в есен. Кога точно ќе се достигне пикот на оваа епидемија не може однапред да се предвиди и токму затоа нема „простор за опуштање“, вели за Колегиум.мк професорот и епидемиолог, Драган Даниловски. Со него разговаравме за ризиците кои ги носи овој вирус, но и за мерките кои се преземаат од страна на надлежните и нивната ефикасност.

Даниловски посочува дека сами за себе, колку и да се интензивни, мерките не се доволни и дека успешноста не треба да ја оценуваме според бројот на прскања, испратени СМС-пораки или спроведени активности, туку според тоа, што тие активности промениле во конкретните околности.

Докторе Даниловски, дали топлото време во август и септември значи дека најголемиот ризик допрва следува?

Топлото време – кога активноста на комарците е висока – значи дека ризикот и понатаму останува висок, но од тоа не можеме да заклучиме дека најголемиот бран допрва следува.

Август и септември, инаку, во Европа вообичаено се месеци на интензивна трансмисија на западнонилскиот вирус, зашто временските услови значително влијаат врз бројноста на комарците и пренесувањето на вирусот.

Кога точно ќе биде достигнат пикот на оваа конкретна епидемија кај нас не може однапред прецизно да се предвиди. Тој најсигурно се препознава ретроспективно, кога епидемиската крива ќе почне да опаѓа, односно кога ќе покаже континуирано намалување на бројот на нови случаи.

Затоа, во овој момент, нема основа за опуштање – сè уште сме во период на активна трансмисија.

До кога трае сезоната на западнонилскиот вирус кај нас – дали опасноста завршува со првото заладување или може да има случаи и во октомври?

Може да има случаи и во октомври. Првото заладување не ја прекинува трансмисијата преку ноќ. Со трајното опаѓање на температурите постепено се намалуваат активноста на комарците и условите за пренесување на вирусот.

И европските податоци покажуваат дека случаи се регистрираат и во есенските месеци. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (European Centre for Disease Prevention and Control – ECDC), токму поради тоа, го спроведува сезонскиот надзор од јуни до ноември, а во 2025 година последниот регистриран случај на заболување бил на 27 октомври.

Треба да имаме предвид и дека меѓу инфекцијата и појавата на симптомите поминува одредено време – инкубацискиот период, кој кај Западнонилската треска се движи од 3 до 14 дена. Затоа, случаи може да се регистрираат и откако временските услови веќе почнале да се менуваат.

Колку е ефикасна дезинсекцијата против комарците, односно дали прскањето навистина го намалува ризикот од западнонилска треска или има ограничен ефект?

Дезинсекцијата е важна компонента на контролата на Западнонилскиот вирус, но таа (контролата) не треба да се сведува само на прскање против возрасните комарци. Најефикасен е интегрираниот пристап, кој се состои од ентомолошки надзор, откривање и отстранување или третирање на ларвените живеалишта, таргетирана контрола на возрасните комарци и лични мерки за заштита на населението. Таков интегриран пристап препорачува и Светската здравствена организација (WHO).

Особено е важно интервенциите да бидат насочени според податоците од теренот – каде се релевантните видови комарци, колкава е нивната густина и каде постои активна циркулација на вирусот.

И тука би направил важна разлика: податокот дека сме прскале 10, 12 или 15 пати е податок за активност. Од епидемиолошки аспект – половичен е! Зошто?

Затоа што од него не може да се согледа успешноста на мерката „прскање“. Податокот колку со прскањето сме ја намалиле густината на комарците и ризикот од инфекција е податок за ефект.   За процена на успешноста ни треба второто. Затоа секоја програма за дезинсекција треба да има и механизам за мерење на нејзиниот ефект.

Дали има опасност граѓаните да ги помешаат симптомите на западнонилската треска со грип или друга вирусна инфекција и поради тоа да задоцнат со лекарска помош?                                                                                 

Да, особено лесната форма може да личи на многу други вирусни инфекции. Кај симптоматските инфекции може да има температура, главоболка, замор, болки во телото, гадење, повраќање, а понекогаш и осип. Од друга страна, околу 80 проценти од заразените воопшто немаат симптоми.

Затоа, нема смисла секоја покачена температура или главоболка автоматски да се прогласува за западнонилска треска.

Важно е граѓаните да знаат кои се алармантните симптоми: висока температура со силна главоболка, вкочанет врат, дезориентација или нарушување на свеста, тремор, конвулзии, изразена мускулна слабост или парализа. При такви симптоми треба веднаш да побараат лекарска помош.

Особено внимателни треба да бидат повозрасните лица и лицата со ослабен имунитет, кај кои ризикот од тешка невроинвазивна форма е поголем.

Прави ли Македонија во моментов доволно за да го спречи ширењето на западнонилскиот вирус или повторно реагираме дури откако ќе се појават случаи кај луѓето?

Во последниот период гледаме значително поинтензивен одговор на институциите, кој се состои од засилена контрола на комарците, мапирање на ризичните подрачја и застоените води, подобрена дијагностика, информирање на здравствените работници и населението, како и вклучување на надзорот кај птиците и животните.

Добро е и што се оди кон One Health пристап, кој ги поврзува здравјето на луѓето, животните и животната средина. Токму таков интегриран пристап се препорачува за надзор, подготвеност и контрола на западнонилската треска.

Но, сами за себе, мерките не се доволни – колку и да се интензивни!

Потребно е и да се измери ефектот на преземените мерки. Успешноста не треба да ја оценуваме според бројот на прскања, испратени СМС-пораки или спроведени активности, туку според тоа што тие активности промениле: дали се намалила густината на векторите (споредба на бројноста на комарците пред и после активностите), дали порано ги откриваме зоните на циркулација на вирусот и, конечно, дали се намалува ризикот за населението.

Сегашната епидемија отвора и едно дополнително, пошироко прашање, а тоа е колкав дел од овој интегриран систем функционирал пред да се појават тешките човечки случаи? Токму тогаш превентивното јавно здравје треба да ја покаже својата најголема вредност.

Зашто, ако првиот показател (епидемиолошки сигнал) дека вирусот интензивно циркулира ни е само појавата на тешко заболени луѓе, тогаш надзорот практично ја изгубил својата најважна функција, а тоа е раното предупредување.

Последни објави