Вкупно 44 случаи со западнонилска треска се потврдени досега, од кои 43 се хоспитализирани, а поголем дел од нив со невроинвазивна форма на болеста, соопшти денеска министерот за здравство Сашо Клековски, кој ги посети Клиниката за инфективни болести и Институтот за јавно здравје.
„Системот е подготвен и здравствените работници ја имаат нашата целосна поддршка во справувањето со западнонилската треска како јавноздравствен предизвик. При денешната посета на овие установи направив увид во капацитетите со кои располагаат од аспект на капацитети за хоспитализација, кадровска опременост, како и лабораториските реагенси за испитување“, изјави Клековски.
Тој апелираше до граѓаните доколку забележат симптоми како: висока температура, вкочанет врат, дезориентација, слабост или грчеви, веднаш да се јават кај својот матичен лекар.
Министерството за здравство информираше дека од почетокот на епидемијата досега 21 пациент е отпуштен од болница и упатен на домашно лекување, уште четворица пациенти денеска ќе бидат отпуштени. Досега од западнонилскиот вирус починаа пет лица.
Западнонилската треска е вирусно заболување кое најчесто се пренесува преку каснување од заразен комарец. Повеќето заразени немаат симптоми, а кај околу 20 отсто се појавуваат температура, главоболка, замор и болки во телото. Кај мал број случаи инфекцијата може да предизвика сериозни невролошки компликации, како енцефалитис или менингитис.


